Вработените сакаат да се вратат во старата зграда, оти била со сите нишани и за да спречат мувлосување на архивските документи.
Има сериозни индиции дека во депото на поплавениот Државен архив на Република Македонија недостасуваат документи, кои испариле уште во времето на преселбата на архивскиот материјал од старата зграда кај МТВ по изградбата на Археолошкиот музеј во кој сега се наоѓа.
Вакви сомнежи, како што дознаваме, искажале вработени во оваа институција, кои тврдат дека архивот во времето на Владата на Груевски, се покренал на преселба без никаква издржана аргументација, ниту некоја конкретна причина и тоа од место кое ги исполнува сите услови за чување на архивската граѓа, во барокна зграда што се поплавува при секој дожд во Скопје.
Сомнежите одат дотаму, што, некои дури велат дека преселбата била исценирана, за да може непречено и камуфлирано во „заташкани во селидбата“, од депото без камери и сведоци да бидат изнесувани документи.
За овие сериозни обвинувања и сомнежи Плусинфо побара одговор од директорот на Државниот архив Кирил Петров, адвокат по професија кој вели дека и до него стасале искази со такви сомнежи, но дека тој не може да ги потврди затоа што нема докази за какво било исчезнување на документација од депото на архивот.
– Уште кога дојдов на работното место во Државниот архив слушнав дека има сомнежи дека исчезнале документи од депото, но јас немам докази за тоа. Нема записник за тоа какви документи биле внесени, ниту пак записник за евентуално изнесување на документи – вели Петров за Плусинфо.
Претходно директор на архивот беше Филип Петровски, но денеска не успеавме да добиеме изјава од него.
Поранешната зграда на Државниот архив, изградена во шеесетите години велат дека била со сите нишани. Токму затоа вработените сакаат повторно да се вратат назад, затоа што веруваат дека само така ќе спречат мувлосување на архивските документи.