Протестот на производителите на пролетна зелка поради намалување на откупната цена со блокирање на еден откупен пункт во селото Муртино продолжува и вечерва.
Незадоволните производители со трактори го блокираа влезот на откупниот пункт денеска напладне, бидејќи само тој ја откупува пролетна зелка за 25 денари за килограм.
Производителте бараат откупната цена да изнесува 30 денари за килограм, барем до почетокот на Велигденските празници.
– Блокодата за влезот и излезот од откупниот пункт ќе трае се додека не се врати цената од 30 денари за килограм – велат земјоделците од Муртино, кои тврдат дека ноќта ќе ја поминат пред откупниот пункт.
Денеска протестот почна со кусо блокирање на главната сообраќајница која поминува низ селото, а потоа продолжи пред откупниот пункт и се уште трае.
Засега е неизвесно кога ќе заврши блокадата, а за утре од Министерството за земјоделство, шумарство и водстопанство најавија дека ќе се сретнат со земјоделците.