Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска остварија средба со претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралковски и со претставници и претседатели на гранкови синдикати членки на КСС.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле потврдени заложбите на Владата за овозможување на услови за јакнење на синдикалното движење во Република Македонија и се разговараше за надминување на состојбите со кои се соочуваат синдикалните организации.
Премиерот Заев посочил дека синдикалното организирање на работниците и функционирањето на синдикатите треба да се одвива непречено во услови кои овозможуваат слободно делување во интерес на работниците и работничките права.
Во функција на заштита и унапредување на работничките права на средбата било изразено уверување дека дијалогот и разговорите на Владата на Република Македонија со синдикалните организации ќе продолжат до изнаоѓање на решенија за посочените проблеми.