Продолжен рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска изјави дека одлуката за склучување на анекс договорот за изградба на оваа автопатска делница е на барање на надзорниот орган.

227

Крајниот рок за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид да биде 30 јуни 2021 година. Ова е содржано во анекс договорот за изградба на оваа делница, усвоен на вчерашната владина седница.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска изјави дека одлуката за склучување на анекс договорот за изградба на оваа автопатска делница е на барање на надзорниот орган, а потребата за продолжување на рокот за доизградба на овој капитален проект е поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, како и променливата геологија на теренот која не одговара со геологијата предвидена во проектот.

– Поради тоа потребно е препроектирање на тунелското решение на сите усеци, на повеќе вијадукти, мостови, потпорни ѕидови, надпатници, подпатници, плочести и цевасти пропусти, потоа комплетна проектна документација за девет клучки, како и изработка на проектна документација за позиции што не биле предвидени во основниот проект, а морале да се предвидат заради неопходно и правилно функционирање на автопатот. Сето ова предизвикува дополнителни и нови работи, а со тоа и зголемен обем на работа кој суштински влијае врз продолжување на рокот, но и значителни финансиски импликации во конечната вредност на автопатот – рече Сугарески.

Тој нагласи дека овој анекс се однесува само за продолжување на рокот на изградба, додека се уште се прават сеопфатни анализи за дополнителните средства кои би биле потребни.

Според него потребно е да се изврши допроектирање на сите работи, а потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот.

Одлуката за потребата од донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид е донесена на вчерашната владина седница, а законот се очекува да влезе во собраниска процедура и во скратена постапка пратениците да го изгласаат.

Сугарески истакна дека изградбата на автопатот е главен интерес на државата и таа мора да продолжи, бидејќи над 50 отсто е веќе изграден. Тој не сакаше да шпекулира колку ќе изнесуваат дополнителните средства за извршување на работите предвидени со анексот и кажа дека според него доколку сите пропусти кои сега се присутни биле отстранети во стартот на проектот, автопатот би чинел многу поевтино.

Со првичниот договор постигнат со кинеската компанија Синохидро изградбата на автопатот требаше да чини 374 милиони евра, а автопатот требаше да биде завршен во јануари 2018.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...