Словачките власти повторно го уапсеија италијанскиот бизнисмен Антонино Вадала, кој е осомничен за убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Кучијак и неговата девојка Мартина Кушнирова, изјави портпаролката на словачкото обвинителство Андреа Предајнова.
Како што соопшти, Антонино Вадала е повторно уапсен утринава во источниот град Михаловце.
Предајнова изјави дека Вадала е уапсен откако италијанскиот суд издал европска потерница по него поради злосторства поврзани со наркотици. Италија бара негова екстрадиција, пренесуваат агенциите.
Вадала е еден од седумте Италијанци кои претходно беа уапсени како осомничени за убиството на словачкиот истражувачки новинар Кучијак и неговата девојка.
Во последната незавршена тема, Кучијак пишувал за влијанието на италијанската мафија во Словачка и нејзините можни врски со луѓе блиски до словачкиот премиер Роберт Фицо.