Полицаецот кој се понуди себеси во размена на заложниците вчера во текот на терористичкиот напад врз супермаркет во Франција, почина од добиените повреди, соопшти министерот за внатрешни работи на Франција, Жерер Колон.
„Потполковникот Арно Белтрам почина. Тој загина за земјата. Франција никогаш нема да ги заборави неговиот хероизам, храброста и неговата жртва“, објави министерот на Twitter.
Вчера француските медиуми објавија дека полицискиот службеник Арно Белтрам се понудил себеси во замена за жена, која била една до заложниците во супермаркетот во Трибе, на југот од Франција, каде напаѓачот ги држеше во заложништво дваесетина лица.
Серија напади се случија вчера во департманот Од во петокот. Жителот на гратчето Каркасон, 26-годишниот доселени од Мароко, Редуан Лакдим нападна возач на автомобил ранувајќи го и убивајќи го неговиот сопатник, го зел неговото возило и нападнал невооружени припадници на специјалните сили од кои двајца се повредени.
Потоа дошол во супермаркетот „SuperU“ во соседната општина Требе и зел заложници. Во полициската операција за ослободување на заложниците Лакдим е ликвидиран. Претходно беше објавено дека бројот на жртвите во нападот изнесува три а уште 16 лица се ранети, од кои две се во тешка состојба.
Одговорноста на нападите на југот од Франција ја презема терористичката организација Исламска држава. Според медиумите, и самиот Лакдим во текот на преговорите со полицијата ја потврдил својата приврзаност кон оваа џихадистичка групација, и притоа барал ослободување на главниот осомничен за терористичките напади во Париз и во Брисел, Салах Абеслам. Француската полиција, исто така, соопшти дека напаѓачот од претходно им бил познат на разузнавачките служби.