Модниот свет изгуби гигант – буквално. Ибер Џејмс Марсел Тафин де Живашни, основач на модната куќа „Живанши“ во 1952 година, почина на 10 март, соопшти неговото семејство. Имаше 91 година.
Живанши е роден на 21 февруари 1927 година во француското гратче Бовазу. Благодарение на него, жените беа ослободени од тесните и неудобни кроеви.
Младоста на Живанши
Од мали нозе Живанши бил маѓепсан од модните списанија, сонувајќи дека еден ден ќе работи за големи светски модни дизајнери.
Младиот Ибер, на свои 17 години се преселил во Париз и се запишал на престижната Национална школа за ликовна уметност, а благодарение на големиот цртачки талент веднаш почнал да работи за некои од највлијателните модни дизајнери во тоа време.
Првите креации ги направил за Жак Фајт, а потоа станува асистент на легендарната и авангардна кралица на високата мода Елса Скјапарели, инаку најголема модна соперничка на Коко Шанел.
Не му требало долго да се осамостои. На 24 години отвора своја модна куќа и набрзо доживува голем успех. Во неговата прва колекција посебно се истакнува блузата со пуфкасти ракави наречена „Бетина“, а како инспирација за оваа креација послужила неговата прва муза, славната француска манекенка Бетина Грацијани.
Музата Одри
Но друга муза го одбележала неговиот професионален и приватен живот. Додека во 1953 година со нетрпение ја очекувал првата средба со Хепберн, верувајќи дека доаѓа Кетрин Хепберн, во салонот влегла Одри Хепберн.
Таа беше амбасадорка на неговата модна куќа и ги носеше креациите на Живанши како на филм, така и во приватни пригоди.
Незаборавниот црн фустан од филмот „Појадок кај Тифани“ до денес остана поим за чиста елеганција и софистицираност, одлики што легендарната актерка ја претворија во модна икона.
Тој креираше за Одри и за филмот „Смешно лице“. Живанши креирал облека и за други познати дами како Џеки Кенеди, Грејс Кели, Лорен Бекол, Грета Гарбо, Марлин Дитрих и Ингрид Бергман.
„Живанши“
Живанши го продаде „Живанши котур груп“ во 1988 година за 45 милиони долари, по 36 години независност. Тој остана на чело на креативниот дизајн седум години, пред да се пензионира во 1995 година. Во моментов со модната куќа управува Клер Вејт Келер. Таа како нов уметнички директор го замени Рикардо Тиши на позицијата.
– Светот загуби голем човек и уметник, кого имав чест да го познавам. Освен што беше едно од највлијателните лица во модата, тој беше и еден од најшармантните мажи што ги познавав. Дефиниција за вистински џентлмен, што ќе остане со мене засекогаш – изјавила Келер.
ФОТО: EPA/BART MAAT