Почина првата дама на Евросонгот

1132

Првата личност која победи на Евросонгот, Лис Асија, умре во саботата на 94-годишна возраст во болницата „Золикерберг“ во Цирих, објавија организаторите на популарниот музички натпревар.

Жената која ја нарекоа „првата дама на Евросонгот“ победата ја однесе во 1956 година кога настапи за Швајцарија со песната „Refrain“.

Од Евровизијата најавиле дека во текот на наредните денови ќе организираат комеморација за пејачката која во меѓувреме на Евросонгот настапи уште два пати: во 1957 година го освои осмото место, а во 1958. второто место.

Сепак, сите најмногу ја памтат нејзината прва, победничката изведба на премиерното издание на Евросонгот одржан во Лугано, Швајцарија, кое во текот на наредните децении прерасна во спектакл.

Лис Асија е родена во 1924 година во Руперсвил, на северот на Швајцарија, а пред пејачката градела танчарска кариера. По победата на првиот Евросонг долга низа години блиско соработувала со неговите организатори, а неретко во пригодни моменти се појавувала на сцената. Последен пат во ревијалниот дел на натпреварот настапила во 2005 година, на 50-годишнината од првото издание на Евросонгот.

На 87-годишна возраст се обидела повторно низ националниот натпревар да се пробие и да настапи за Швајцарија на Евросонгот во 2012. и 2013 година, но тоа, сепак, не и успеало.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...