За еден денар долг за парно, пензионер од Скопје, добил налог за извршување на наплата во износ од 12.439 денари! Оваа информација ја обелодени на Фејсбук синот на пензионерот со намера да добие накаква помош, но ја шокира јавноста.
Компанијата го дала пензионерот на извршител за заостанат долг од 1 денар, по што извршителот го активира налогот за наплата, преку кој му е определена забрана за 1/3 од пензијата и активиран налогот за исплата на 12.439 денари.
Како е стигнато до сумата од 12.439 денари која му е побарана за наплата од пензионерот се гледа од налогот за извршување каде што таксативно стои што се се плаќа при едно извршување:
-277 денари на име администрирање,
-4.182 денари на име извршни дејства,
-400 денари на име награда(за извршителот).
-875 денари на име ДДВ,
-240 денари на име материјални трошоци, и
-износ од 1.534 денари на име адвокатски трошоци за застапување на доверителот по АТ.
На ова се засметува и камата во износ од 722 денари на процесни трошоци пресметана од денот на извршување до денот на наплата на долгот.
Ова секако не е прв случај на граѓанин кој се соочил со висока сметка за неплатен долг. За состојбата со извршување има реакции веќе неколку години. Реагираше и канцеларијата на народниот правобранител од каде што велат дека претставките до нив се зголемуваат, а извршителите често знаат да го злоупотребат законот за извршување, па дури да остават и деца без основни приходи. Загрижувачки според нив, е што дел од извршителите не ги слушаат препораките од народниот правобранител.
Неодамна граѓани покренаа иницијатива со која бараат да запре присилната наплата од граѓаните, потоа ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, како и утврдување на реален и нереален долг. Акцијата за собирање потписи се уште се одвива.
Зад инцијативата „Стоп за извршителите“ освен ,,Но пасаран“, застанаа и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија и „Гласен текстилец“ од Штип кои се орагнизатори на целата акција.
Бараат од премиерот, Зоран Заев, да си остане на зборот и да го реши овој голем проблем, посебно за граѓаните со пониски примања и пензионерите.