„Планот за економски раст“ е мотор за бизнисот

За поврзувањето да биде поедноставно и со поголеми ефекти, во иднина од полза би било да се привлекуваат странски компании кои повеќе би биле компатибилни со доменот на дејствување на домашните компании и со вештините на слободната работна сила.

586

Планот за економски раст“ претставува конкретна реализација на мерките за поттикнување на производството, извозот и инвестициите содржани во Моделот на економски развој, кој Стопанската комора на Македонија го презентираше уште во 2010 година, како предлог на бизнис-заедницата.

Планот за економски раст има за цел зголемување на домашните и странските инвестиции, пораст на вработеноста, зголемување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната поврзаност, пораст на БДП, на конкуретноста на приватниот сектор и забрзување на економскиот раст, кои во крајна линија треба да овозможат и подобар животен стандард во земјата.

Основата на овој план, преточен во неколку мерки, кои се поставени во три столба, практично значи и конкретна операционализација на моделот на економски развој кој Стопанската комора на Македонија го промовираше уште во 2010 година и во кој беа наведени конкретни мерки за поттикнување на производството и извозот, мерки за подобрување на деловниот амбиент и за управување со агрегатната потрошувачка.

За потсетување, тогаш Комората, во рамки на мерките за поттикување на производството и извозот, предложи:

– конкретни стимулативни мерки за поттикнување на инвестициите, степенувани според висината на инвестицијата и бројот на новоотворени работни места;

– мерки за реконструкција и модернизација на постојните производни капацитети во облик на даночни олеснувања, како и мерки за вработување, преквалификација или доквалификација на постојните кадри;

– мерки за системско поттикнување на домашната потрошувачка и извозот, како и

– мерки за окрупнување на земјоделскиот посед, како еден од главните фактори за зголемување на продуктивноста, односно конкурентноста, преку зголемување на долниот праг за право на субвенции.

Која беше идејата за тој модел?

Да се поттикне производството и извозот, во чија основа ќе биде и економската поврзаност со претприемачите од малите земји, поддршка и промоција на извозот како потреба на бизнисот, привлекување на странски инвестиции како приоритет за зголемување на надворешно-трговската размена, а притоа ставајќи фокус и на домашните компании со соодветна поддршка.

Стопанската комора на Македонија го отвори прашањето на новиот модел за економски раст, водејќи сметка и почитувајќи го постигнатото на сите досегашни влади и државни институции, во многу тешките услови на дејствување (осамостојување на земјата, ембарга, блокади, воени дејствија, кризи). Притоа, клучната деловна асоцијација во земјава очекуваше нејзиниот предлог за нов модел на економски развој да резултира со мерки и активности кои сублимирано ќе донесат значаен економски благодет за земјата:

1. домашните и странските инвестиции да бидат двигатели на растот;

2. да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој;

3. приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст и да ја апсорбира високата невработеност;

4. динамичниот економски раст да резултира со функционално интегрирање на земјата кон ЕУ и зголемен животен стандард;

5. да се модернизира инфраструктурата и да се намали енергетската зависност на земјата.

Што баравме, а што добивме?

Голем дел од мерките од Планот за економски раст на Владата на РМ, кој како нејзин врвен приоритет го дефинира креирањето на нова економска и индустриска политика, односно поддршка на стопанството, генерално ги содржат насоките и барањата на деловната заедница за кои Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика. За очекување е дека со ваков стимул компаниите ќе можат да постигнат многу подобри резултати, да го прошират производниот асортиман, да го зголемат бројот на вработени лица и неколкукратно да ги зголемат и прошират своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари. Вакви можности се гледаат во метало-преработувачката индустрија, хемиската индустрија, прехранбениот сектор…

Кога станува збор за Планот за економски раст, како Комора, заедно со другите комори, претставниците на финансиските институции, МАНУ, универзитетите, активно се вклучивме во јавната дебата кога мерките беа презентирани, со цел да дадеме свој придонес во финализирање на предложените мерки и истите да бидат применливи и да ги дадат очекуваните резултати. Компаниите соодветно прават анализи и реална проценка колку мерките од првите два столба кои сега се преточени во Нацрт законот за финансиска поддршка на инвестициите можат да ги остварат, во кој обем и колку ќе придонесат за остварување на поставените цели.


Сега, согласно предложеното законско решение, на компаниите ќе им бидат достапни мерките кои се однесуваат на поддршка на инвестициите и конкурентноста, независно на нивната големина и потеклото на капиталот. Тука се вклучени мерки кои имаат за цел поддршка за создавање на нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработка со локални добавувачи од земјата, за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за пораст на капитални инвестиции и приходи, за откуп на средства од претпријатија во потешкотии, за деловни субјекти кои ја зголемиле својата конкуретност на пазарот, како и за оние кои освојуваат пазари и имаат пораст на продажбата.


Како Комора, секогаш сме имале став дека е неопходно привлекување на странски инвестиции, но дека е потребна и поддршка на домашниот бизнис!

И досега бизнис заедницата немаше ништо против интензивното привлекување странски инвестиции, но домашните компании, вклучувајќи ги и странските инвеститори кои имаат регистрирани бизниси надвор од зоните, бараа изедначување на условите за водење бизнис со цел да се избегне нерамноправниот третман на пазарот. Стимулирањето на странските компании да набавуваат домашни инпути ќе ги надополнат идентификуваните недостатоци од недоволната поврзаност на странските директни инвестиции и домашните компании. Поттикнувањето на поврзување на странските инвестиции и домашните компании ќе ги интензивира бенефитите од трансфер на знаење и технолошки напредок од една страна, а од друга страна, ќе го зголеми производството на домашните компании. За поврзувањето да биде поедноставно и со поголеми ефекти, во иднина од полза би било да се привлекуваат странски компании кои повеќе би биле компатибилни со доменот на дејствување на домашните компании и со вештините на слободната работна сила.

Секако, во оваа насока треба да помогнат и мерките за модернизација на капацитетите, иновирање на технологијата и усовршување на вработените кадри кои што му недостасуваат на пазарот на трудот, што сега е предвидено и со владините мерки. Неопходно е да се стимулира воведувањето и примената на нова технологија, да се поттикнува ангажирањето на домашни иноватори и да се организира производство врз основа на домашни иновации. Преку обезбедување помош за унапредување на квалитетот, количествата и сигурноста на производите преку технички и менаџерски вештини, деловно планирање, пристап до капитал со зголемена технолошка и деловна софистицираност на домашните бизниси, ќе се овозможат и посилни повратни врски со странските директни инвестиции и повеќе ќе се стимулира извозот, кој е неопходен за да се постигне повисока стапка на економски раст и развој.

Бизнис заедницата знае дека од стратешко значење за зголемен раст е создавањето на реални услови за освојување нови пазари, вклучувајќи го регионалното вмрежување за таа цел. За таа цел, Комората континуирано презема низа активности за поголема интернационализација на стопанството, преку организирање на конференции, деловни средби со потенцијални странски партнери, но спроведува и консултации преку формираните клубови за соработка со други земји и деловни совети, сѐ со цел поголема присутност во освојувањето на нови пазари што ќе резултира со поефикасно работење на самите компании но и на прелевање на позитивниот ефект врз државата. Во таа насока и мерките кои се утврдени во Нацрт-законот за финансиска поддршка на инвестициите, се очекува да дадат конкретен бенефит за стопанството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...