Секој ден, пред зградата во која е сместена мојата редакција, ме дочекува една згодна девојка. Седи во жолта кожена фотелја и ме гледа. И додека јас ги менувам килограмите, главно нагоре кон критичната граница нула еден тон, оваа девојка секогаш е иста – тенка, витка, благо секси заоблена, манекенски тип. Секогаш вкусно дотерана. И секогаш ме гледа со истиот стаклест поглед.
Таа девојка, почитувана госпоѓо Фатиме Фетаи, ме потсетува на вас. Единствената суштинска разлика меѓу вас двете е што вие зборувате, онака баш логореично и сте вистинска ѕвезда на македонската паланечка политичката естрада, додека девојката од жолтата фотелја само молчи, ме дочекува и потоа ме испраќа. Тоа е така е затоа што вие сте живо суштество, а „мојата“ девојка е пласитична кукла од продавницата „Артурс“ во ГТЦ.
Моето „обвинение“
Простете што ви се обраќам лично, обвинителке, но мислам дека така најлесно ќе ме разберете. Откако веќе ме спомнавте на трибината со наслов „Пич прич“ и кажавте дека сум ве обвинил затоа што сте оделе во диско и затоа што сте (еманципирана?) жена, а вие, пак, сте сте „бранеле“ со молчење, бидејќи не сте го разбрале „обвинението“. Да бидам искрен, како за пич прич, односно за малку препичуење со микрофон, ова ви е досега најуспешниот естраден настап. Има метафора, тоа ми се допаѓа. За жал, пред овој настап, вие бевте главната ѕвезда и во една друга, дводелна филмувана драма, во која заедно со вашите две колешки ѝ се претставивте на јавноста како обвинителки, но и како – приватни личности. Така што, објективно, јавноста има прилично јасен увид во вашиот професионален и приватен хабитус.
Инаку, точно е тоа дека јас ве „обвинив“, како што велите, за вашето поведение во јавноста, за кое сѐ уште тврдам дека не е соодветно за позицијата што ви е доделена, без оглед на вашата младост и емоции. Но, веројатно се сеќавате дека јас ве обвинив, но не ви „пресудив“. Ви „пресудија“ ваши колешки и колеги, правници со многу поголемо знаење и искуство од вашето, како и фактите со кои ве соочив, имено објавувајќи делови од неколку етички кодекси кои поставуваат јасни морални стандарди за однесувањето на луѓето од правосудството во сите области на професијата и на животот, вклучувајќи и строги норми што ја засегаат приватноста на носителите на функциите во оваа област.
Вие, госпоѓо Фетаи, се браневте со молчење, но не затоа што не сте го разбрале „обвинението“ – побогу, би било страшно да не сте го разбрале! – туку затоа што немавте што да кажете. Пред фактите молчат и боговите, дури и оние земните, од естрадата.
Вашиот спин дека сум ве обвинил „како жена“, без оглед што е обична и лесно препознатлива лага, ме обврзува и јас малку да се вклучам во тој ваш пич прич и искрено да ви кажам што мислам за вас „како жена“. Се разбира, сето тоа врз основа на фактите приложени во вашите досегашни јавни настапи, од кои највпечатливи беа оние две филмувани стории што ги спомнав.
Не сте мој тип, госпоѓо Фетаи!
Па така, почитувана Фатиме Фетаи, свесен за фактот дека сте идол и своевиден пич-симбол на огромна маса луѓе, и од понежниот и од погрубиот пол, вклучувајќи и многу сериозни луѓе кои се лигават врз тастатурите штом на интернет ќе се појават вашето име, вашата фотографија или вашиот карактеристичен говор пред камерите, значи апсолутно свесен за таа ваша звезде-гранда-аура, под полна морална, материјална и естетска одговорност, јавно ви изјавувам дека вие, едноставно, не сте мој тип!
Простете ми на искреноста, но жена што пуши пред камера, жена што изјавува дека нема поубав јазик од српскиот и најстрашно од сѐ, жена што ни кажува дека омилена музичка ѕвезда ѝ е Аца Лукас, плус тоа жена што носи чанта „Гучи“ а потоа фановите ја бранат со објаснување дека станувално збор за реплика (леле, леле, леле!), едноставно, кај мене не пали. По ниедна основа. Дури ни на ниво на најпримитивната, примарна естетска сензација. Мојата молчалива пластична пријателка од „Артурс“ барем не успева да ме разочара и за неа дури имам некакво мислење. Имено како „за жена“. За вас, госпоѓо Фетаи, едноставно, немам никакво мислење.
Да не ме разберете погрешно, обвинителке, за разлика од многу ваши фанови, јас од моите „три грации“ (хахахахах!), никогаш не сум очекувал да ме очараат во онаа смисла во која вие ја егзалтирате вашата публика и уживате во тоа. Затоа и не можете да ме разочарате. И секако, ве уверувам дека не зборувам од позиција на надменост, од некакви „олимписки“ височини, од кои би се трудел да се прикажам како некаков ерудит, познавач на музиката и уметноста, сестран интелектуалец и слично. Било па прошло! Искрено ќе ви кажам дека поприлично сум за’рѓал во тој поглед – кој знае од кога не сум бил во театар, успевам да најдам време и сили да прочитам одвај по една книга месечно и по неколку стручни статии од мојата област, кога патувам (ретко) надвор од жабурнаков стасувам да влезам во најдобрите музеи, а врската со музиката ми ја одржува главно фреквенцијата 100.8 која никогаш не се менува и на радиото дома и во автомобилот. Верувајте, тоа е помалку или повеќе сѐ со што би можел да ве импресионирам.
Но, има тука едно големо „но“, госпоѓо Фетаи. Убавината можеби не е прерогатив на младоста, но факт е дека таа со неа се раѓа и потоа се негува или се губи. Има книги што мора да се прочитаат на возраст од 15 до 17 години, ако не и порано. Јас сум еден од онаа мала група луѓе од мојата генерација, која не го пропушти тоа задоволство. Некои од нас не пропуштија на нашите симпатии и први љубови да им ги рецитираме Пушкин и Бодлер, на пример, а јас им пишував и стихови. Заедно со тие девојки ги гледавме најдобрите филмови во кино, најдобрите претстави во Драмски, ги купувавме најубавите албуми и си ги подарувавме со најубавите стихови од тие албуми (од Арсен Дедиќ, на пример, ако нешто ви значи). Купувавме постери од најдобрите мајстори на модерното сликарство. Да, имаше и во наше време турбо-фолк и многубројни поклоници, но ние одевме на рок концерти, низ цела Југославија. Но се „ложевме“ и на Росини, на Моцарт, на Брамс…
Штом ми го спомнувате Аца Лукас, госпоѓо Фетаи, со стручна споредбена анализа на Жељко Јоксимовиќ (хахахахах!), јас сфаќам дека вие сте биле и сте дел од еден друг свет. Вие не сте жена во која би можел да се заљубам да имам 27 години, да пријателувам да имам 35 години, да ве загледувам да имам 45 години или да ве коментирам „како жена“ сега, на возраст од 56 години. Убавите жени од мојот живот и од мојата младост (од кои некои, за жал, веќе се на оној свет), живеат во друг универзум.
За убавите и за вираните жени
Не е ни до времето, ни до младоста. Секое време си има свои убавини. И денес среќавам прекрасни млади девојки, скоро онакви какви што беа оние во кои се вљубувавме во младоста. При што, иако сте љубителка на српскиот јазик, а мајчин ви е преубавиот албански јазик (што сум го учел шест месеци), треба да знаете дека во нашиот македонски јазик зборот „убав“ има малку пошироко значење од она што веројатно вие сте си го приопштиле – за добар, храбар, мил, привлечен човек, маж или жена, љубовник или љубовница, мајка или татко, син или ќерка, сеедно, ние велиме „убав човек“ (антоним е зборот „грд“, или уште подобро, во јужните дијалекти го среќаваме зборот „виран“, со акцент на буквата „а“).
Во мојот свет, меѓу жените што ги сакам, меѓу оние што ги почитувам, дури и меѓу оние што само ги среќавам онака попатно, на улица, препознавам многу вистински убавици. Има и „вирани“ жени, кои можеби и заслужуваат да бидат „обвинети“ имено „како жени“. Но, вистината е таа дека вие, госпоѓо Фетаи, не ме привлекувате ниту во еден аспект на темата – не ве доживувам како убава, уште помалку како „еманципирана“ или интересна на кој било друг начин, за да посакам да пријателувам со вас или барем да седнам на една пијачка, а најмалку, пак, имам причини или потреба да ве напаѓам.
Уживајте во вашата „слава“, Фатиме Фетаи. Додека трае. Она пич прич препичуење мене не ме фасцинира (вие сепак сте само предмет на мојот професионален интерес како обвинителка и ништо повеќе од тоа). Но, не страхувајте, нема да бидете напаѓани на социјалните мрежи. Како и секогаш, ќе биде обратно. Јас ќе бидам напаѓан, а вие ќе ги воодушевите вашите фанови, дури и оние од првата интелектуална линија на одбраната, кои ќе ја измислат некаква длабока смисла на вашата трагикомична тирада. Тие луѓе се прва лига, што се вели, бидете спокојни, во сигурни раце сте.
ПС. Знаете што е прва лига, нели? Тоа е она кога ќе се разбудиш сабајле, онака бушав и мамурен и разлигавен и кога првата лига ќе ти падне од устата, во поново време, врз замастената тастатура на лаптопот со кој си заспал, е тоа е – прва лига!
ППС. Некој, на шега се надевам, на Фејсбук напиша: „А бе Геро, оваа ќе те уапси!“ Ако случајно решите да ме приведете во диско за да ме измачувате со стиховите на Аца Лукас, дозволете ми, наместо адвокат, со себе да ја понесам мојата пријателка од „Артурс“. Некој сепак мора друштво да ми прави…