Мандатарот за состав на новата влада на Словачка, Петер Пелегрини денеска на словачкиот претседател Андреј Киска ми ја достави новата листа на кандидати за министри во неговиот кабинет.
Киска вчера одби да ја именува владата што претходно ја предложи Пелегрини и побара од него до петок да достави нови кандидати за министри.
– Пелегрини треба да ги убеди луѓето дека новата влада ќе ги донесе оние промени кои ги очекуваме – изјави вчера Киска.
Тој нагласи дека Пелегрини треба да формира стабилна влада. чиј кадровски состав, пред се во Министерството за внатрешни работи, ќе беде во состојба да ја смири тензичната состојба во словачкото општесттво.
Во однос на претходно предложениот состав, на новата предлог-листа на министри има две измени. За нов министер за внатрешни работи е предложен досегашниот прв човек на Министерството за здравство, Томаш Друцкер, а за негов наследник на таа функција е номинирана Андреа Калавска.
Друцкер и Каласка се сопартијци на Пелегрини од партијата Смер – Социјална демократија на досегашниот словачки премиер Роберт Фицо.
Се очекува Киска да ја именува новата влада во текот на утрешниот ден.
Покрај Смер – Социјална демократија во новата влада ќе учествуваат и десничарската Словачка национална партија (СНС) и партијата на унгарското малцинство Мост-Хид.
Пелегрини беше избран за мандатар за состав на новата словачка влада откако Фицо минатата среда поднесе оставка, по притисокот од опозицијата поради скандалот со убиството на новинарот Јан Куцијак.
Телото на 27-годишниот Куцијак и неговата девојка Мартина Кушнирова беа пронајдени со прострелни рани на 25 февруари во нивниот дом.
Куцијак ги истражуваше активностите на италијанската мафија во Словачка и нејзините врски со лицата блиски до премиерот Фицо. Тој во последниот незавршен текст ги опишува активностите на членовите на криминалната организација Ндрангета во источна Словачка и поврзаноста со соработници на досегашниот словачки премиер.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ), британскиот Скотланд јард и Европол и помагаат на словачката полиција во истрагата за убиството на новинарот.
ФОТО: EPA/JAKUB GAVLAK