Директорката на,,Кузман Јосифовски-Питу” Мишела Николовска – Милеска ги демантира тврдењата на родителите кои вчера се пожалија во редакцијата на Плусинфо дека училишната кујна за која е одговорна фирмата „Сара тренд“ работи неуредно и во нехигиенски услови.
Родителите како што објавивме претходно, побараа од градоначалникот Филип Темелковски да го испита случајот, а претходно, како што потврдија и во Агенцијата за храна и ветеринарство за училишната кујна имало реакција и до нивните инспектори.
Последниот инспекциски увид во училиштето, како што вели Агенцијата за храна и ветеринарство за Плусинфо, е направен на почетокот на школската година на 18 септември, но тогаш инспекторите не забележале какви било пропусти во работата на училишната кујна, а немало ни наоди дека храната се подготвува во нехигиенски услови.
Во Агенцијата велат дека во претходната година имало забелешки за нехигиена во училишната кујна, нечисти ѕидни и подни површини, непрецизно водени записи за добра хигиенска пракса, кои подоцна биле отстранети.
Директорката Николовска Милеска во изјава за Плусинфо вели дека од почетокот на второто полугодие 2018 година се одржале два Совети на родители и на ниту еден од нив родителите не се пожалиле на условите, или пак на храната на кујната.
-Училиштето секогаш е спремно за соработка со родителите и во тековната година ниту еден родител не се пожалил во однос на училишната исхрана. Ги повикуваме незадоволните родители кои се обратиле до вашата редакција, заедно со вас да дојдете и да се уверите во квалитетот и безбедноста на храната која ја конзумираат нашите ученици – вели директорката Милеска која ни ги достави записниците од извршени инспекциски надзори, потврда за ДДД, потврда за ХАСАП систем, санитарни книшки на вработените и формулари за евиденција за чистењето со кои ги негира тврдењата на родителите.
Милеска тврди дека договорот што го има потпишано училиштето е по пат на јавен оглас со фирмата ,, Сара Тренд“ чиј управител е Раде Нинич, а одговорно лице Кирча Стојанов.
-„Сара Тренд“ ДООЕЛ, законски и прописно извршуваат редовна дератизација ,дезинфекција и дезинсекција .Сите вработени кои имаат допир со храната имаат уредни санитарни книшки издадени од овластена установа и вршат редовна законска контрола. Квалитетот на оброците е со пропишаните нутриционистички вредности за исхрана и за истите имаат доставено соодветно мени со целосната исхрана,а истото е доставено до Министерството за образование и наука од страна на училиштето. Склучени се индивидуални договори со родителите во кој е назначено менито според кое се хранат учениците и начинот на плаќање по добивање на уплатници доставени од страна на фирмата ,, Сара Тренд ,, ДООЕЛ – се вели во демантот од директорката на основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во кој се наведува дека последниот инспекциски надзори бил извршен на 18.09.2017 година и тој е со позитивните наоди.
Директорката ги демантира и тврдењата за лошите услови во кујната и вели дека вработените се раководат по пропишаните стандарди ( ХАСАП ) за што достави до редакцијата и потврда дека се работи по стандарди.
-Училишната трпезарија е реновирана со нови плочки во 2015 година, и врати и прозори во 2017 година и секоја година се врши варосување. Училишната кујна ги задоволува сите хигиенски стандарди и целокупниот инвентар е комплетно хигиенски и функционален. Сите ученици запишани во продолжителен престој добиваат исхрана согласно менито која поради мерките за безбедност на храната се служи во училишната трпезарија, освен во случаи кога се работи за ученици кои од здравствени причини не смеат да ја конзумираат храната од кујната. Во тие случаи родителите им носат соодветна храна која тие ученици ја конзумираат во училишната кујна заедно со другите ученици – објаснува директорката на основното училиште во Кисела Вода Мишела Николовска – Милеска.
Во 2017 година биле поднесени девет претставки за кујни во детски градинки, училишта и домови, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
-Наводите во овие претставки се однесуваа на сомнеж во безбедноста и квалитетот на храната, на добрите хигиенски и добрите производни пракси, како и поплаки за менито (прашање кое се однесува на квалитетот, но не и на безбедноста на храната) – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Резултатите од контролите покажале дека само една од претставките е основана, по што било донесено решение за отстранување на недоследностите. За останатите осум претставки, велат од Агенцијата, констатирано е дека наводите не биле основани.