Во калифорнискиот град Глендал во неделата е отворен првиот музеј за селфи во кој посетителите се повикуваат да ги „истражат корените на овој социјален феномен“, пишуваат американските медиуми.
Во овој интерактивен музеј стаповите за селфи и фотоапаратите не само што не се забранети, туку посетителите се поттикнуваат да ги донесат со себе.
До 31 мај сите заинтересени во музејот ќе можат да ја истражуваат популарноста на социјалното и културното влијание на овој популарен вид на фотографија.
Просториите на музејот се посебно уредени за правење селфи.
Во музејот се наоѓаат и експонати какви што корисниците на социјалните мрежи често објавуваат на своите профили, како храна или внатрешноста на тоалетот со големи огледала, рекол еден од основачите на музејот, Томи Хонтон.
– Сакаме да ги развеселиме и насмееме луѓето. Сакаме да ги изненадиме со музејската постава. Ние сме место за визуелен хумор во кој посетителите во моментот кога ќе влезат во него стапуваат во своевидна интеракција со просторот. Се надевам дека слатко ќе се смеат, дека ќе бидат збунети и изненадени… и дека нема да можат да одолеат да не направат неколку селфиња – рекол Хонтон.
„Односот помеѓу луѓето и уметноста се измени. Денес луѓето не сакаат само да бидат набљудувачи, тие сакаат да бидет дел од таа уметност. На пример, има многу селфиња со варијанти на Мона Лиза, отколку со вистинската Мона Лиза на Леонардо да Винчи, додал Хонтон.