Централниот регистар од понеделник почнува со отворени денови со граѓаните кои ќе траат до 4 октомври. Целта е услугите што ги нуди Централниот регистар да станат подостапни за бизнис секторот и да се отстранат сите административни бариери со кои се соочуваат бизнисмените при водењето на својот бизнис.
Претставници на Регистарот ќе ги посетат регионалните канцеларии во Тетово, Куманово, Битола, Штип, Кочани, Струмица, Велес, Прилеп, Скопје и Охрид. Граѓаните ќе имаат можност да се информираат за прашањата поврзани со трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, регистарот на годишни сметки, услугите поврзани со залог, лизинг и сите останати услуги што ги нуди Централниот регистар.
– Со отворените денови ја активираме праксата за директен контакт со корисниците на нашите услуги. Централниот регистар секојдневно е отворен за потребите на граѓаните, но со овие поети на членови на врвното раководство на нашите регионални канцеларии, сакаме да ставиме уште поголем акцент на прашањата и проблемите со кои бизнис секторот, а особено микро и малите бизниси се соочуваат во нивното работење – рече директорот на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски на денешната прес-конференција.
Според Бошковска, граѓаните се задоволни од работата на Централниот регистар што е потврдено и со резултатите од годинашното мерење на задоволството на корисниците од услугите на Регистарот.