Работна група составена од членови на државното акционерско друштво, Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчката компанија за управување на систем за пренос на природен гас во Грција (ДЕСФА) разговараат и ги утврдуваат временската рамка и деталите на теренот и од македонска страна за реализацијата на трасата на гасно поврзување меѓу Македонија и Грција со интерконектор. Трасата е долга околу 120 километри гасоводна мрежа по шеесеттина километри на македонска и на грчка страна.
Како што соопшти денеска владината прес-служба, согласно мерките за градење доверба помеѓу Република Македонија и Република Грција, и интензивирањето на билатералната соработка иницирана од премиерите на двете земји, експертите се согласиле дека Проектот е добро решение за Македонија и Грција и отвора можности за продлабочување на соработката во енергетиката, но и поттикнување на регионалната енергетска соработка на Балканот, во согласност со државните енергетски политики на двете земји и заедничката енергетска политика на Европската унија. Така, создадените услови за соработка на политичко ниво иницираа започнување на активностите за реализација на проектот на техничко ниво.
Со овој проект ќе се изградат околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), а Македонија почнува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.
– Реализацијата на овој проект е од особено значење за Република Македонија бидејќи се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП како и користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. Со тоа ќе се овозможи транзитирање на природниот гас низ Македонија кој понатаму може да се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот, со што ќе се поттикне развојот на инфраструктурата за земјите од Западен Балкан – се вели во соопштението од македонската Влада.
Следува изработка на физибилити студија која ќе ги опфати техничките и економските аспекти на гасното поврзување и ќе понуди конкретни решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од два до три милијарди кубни метри гас.
Со цел да се отпочне реализацијата на проектот оваа година, Република Македонија и Република Грција заедно ќе аплицираат за финансиски средства во меѓународните институции.