Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Охрид рече дека не очекува последните случувања во односите со Русија да имаат негативни последици за извозот на нашите земјоделски производи на рускиот пазар.
– Јас сум претседател на меѓувладината македонско-руската комисија и досега не сум информиран за какви било потенцијални санкции или други мерки преидизвикани од политички аспект – истакна Николовски.
Според него, спротивно на досегашните практики да се преземаат активности што придонеле за затворање на низа пазари за македонските производи, оваа владина гарнитура е фокусирана токму на отворање нови пазари.
– Ние работиме на засилување на целата трговска размена со сите земји, како од опкружувањето, така и пошироко. Министерството и јас лично сме фокусирани на обезбедување непречен пласман на нашите производи надвор. Тоа го прават и премиерот и целата Влада, во духот на сите процеси што се водат во Република Македонија. Не очекуваме санкции од ниту една страна, напротив, работиме на овозможување нов пласман и отворање нови договори за македонското производство надвор од земјата – рече Николовски.
За најавените протести на земјоделци од Овчеполието заради неисплатени субвениции, Николовски нагласи дека заврши времето на исплата на субвенции само пред избори и за злоупотреби во партиски цели.
– Со засилена динамика Платежната агенција годинава ги исплаќа субвенциите за земјоделците, тогаш кога им се потребни, а 90 отсто од субвенциите во тековната програма ќе бидат исплатени во законски предвидениот рок – рече министерот, нагласувајќи дека оваа е прва година субвенциите да се исплаќаат тогаш кога е календарски предвидено.
Министерот Николовски денеска во Охрид имаше работна средба со албанскиот министер за земјоделство и рурален развој Нико Пелеши.