Најавено е дека состанокот ќе се одржи наредите денови.
Состанокот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија на кој требаше да се изнајде решение за проблемот со увозот на српското брашно е одложен.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), разговорите меѓу двајцата министри продолжуваат следните денови.
„Двајцата министри се одлучни и поветени на изнаоѓање долгорочни решенија, во духот на почнатиот Берлински процес, кој води кон создавање услови за заеднички пазар. Засегнатите страни се информирани дека со измените на Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање на контролни маркички за означување брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји во Република Македонија“, наведуваат од МЗШВ.
Од Министерството информираат дека со измените на „Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање на контролни маркици за означување на брашно“, се менува само распоредот на целата процедура за увоз на брашно од странски земји во Република Македонија За тоа биле информирани и засегнатите страни.
„Новина е што контролните маркици ќе се издаваат откако ќе се добијат резултатите од анализите од земените мостри за квалитет и безбедност на увозното брашно, и истите ќе се лепат во Македонија, пред увозното брашно да се пушти во промет.“, стои во соопштението.
Овие правила важат и за македонските производители на брашно.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изврши само усогласување на постоечкиот Правилник, со цел да се гарантира безбедност и квалитет на увозното брашно и дека истото ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркица. Во останатите одредби од Правилникот нема промена и нема никакви дополнителни финансиските трошоци за увозниците. Со новите измени во правилникот на увозниците им се гарантира прецизна постапка на добивање маркици, побрза и поевтина во споредба со претходните години. Во таа насока, минатата година Владата на Република Македонија, донесе одлука за Измени за висината на надоместокот за издавање на контролни марки за означување на брашно. Со овие измени се намали надоместокот за издавање на контролни маркици кој се намали од 0,5 денари на 0,2 денари за пакувања од 1 килограм и од 1,5 денари на 0,2 денари за пакувања од 25 килограми. Ова намалување важи и за домашното и за увозното брашно.