Ние правиме изворен и автентичен, а не грантиран хумор!

„Слободен печат“ не е хумористичен весник, но со гордост ја одржува македонската карикатура, некогаш доминантниот жанр на изворниот, автентичен македонски хумор, признат не само ширум Југославија, туку и во светот.

2356

Во саботното издание на „Слободен печат“, нашата карикатуристика Наташа Костовска, која, ако смеам да кажам, е во животна форма, објави една од своите најдобри карикатури од серијалот на насловните страници на нашиот весник. Се сеќавате, тоа е онаа карикатура на која нашата славна армија, предводена од Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Талат Џафери, сите качени на тенк и со нуклеарна боева глава пред нив, ја покоруваат руската армада, а Путин јава мечка и мафта со белото знаме.

Што да ви кажам… Цртежот извонреден. Композицијата перфектна. Како Бородинската битка, се пошегува еден од моите колеги. Ликовите потрефени. Особено Талат, кој нишани од митралезот на тенкот. Идејата јасна и прецизна за секој што разбира што е хипербола и парадокс – карикатурата се потсмева со тезата дека Македонија (како идна членка на НАТО), со своите воени „потенцијали“, би можела да биде закана за моќната Русија, а со тоа и нејзина легитимна цел.

Но, според некои реакции на Фејсбук, дел од публиката, од разни причини (што немам намера да ги коментирам тука), едноставно, не ја разбрал поентата на оваа карикатура. Сепак, не ме разочараа толку навредливите критики за насловната на „Слободен печат“ (ниту ми е прв пат, ниту ќе ми биде последен), колку фактот што во некои коментари, во негативен контекст, се спомнува некогашниот неделник „Остен“. Демек, „Слободен печат“, јас и авторката Костовска сме си правеле остеновски патрдии…

Страшно е тоа што има луѓе, возрасни и млади, што не знаат што е „Остен“ и какво е неговото значење за развојот за вистинскиот, изворен и елитен македонски хумор, во споредба со овие тралалајки и гегови што ги гледаме денес (чест на исклучоците, се разбира), ова што јас го нарекувам грантиран, изнасилен хумор и сатира.

Моето прво вработување во кариерата беше токму во неделникот „Остен“. Таму ја сретнав и Наташа Костовска. Кога јас и Наташа бевме остеновци – најмалку поради нас помладите, а најмногу поради поради великаните со кои работевме – Остен“ една година беше водечки хумористичен весник во светот. Ќе спомнам само неколку од тие големи имиња кои ги затекнав во „Остен“ и од кои го учев занаетот – феноменалните хумористи и афористичари Живко Павлов, Ефтим Проевски, Љупчо Силјановски и Ванчо Полазаревски, одличните карикатуристи Владо Јоциќ, Глигор Костовски Гиш, Димитар Чудо, Ане Василевски и многу други соработници (нека ми биде извинето ако пропуштам некое важно име). Жал ми е што не го затекнав Дарко Марковиќ на кормилото на “Остен“, но со него, пак, долгои години потоа соработувавме и пријателувавме и сигурен сум дека денес, да е жив, Дарко би ѝ честитал на Наташа за оваа прекрасна карикатура.

Патем, нема да ја пропуштам приликата и самиот да се пофалам (суета, нели). Да не беше „Слободен печат“ под мое раководство, да не беа покојнот Дарко Марковиќ со неговиот феноменален стрип јунак Пецко и Наташа Костовска со нејзините саботни карикатури кои им даваат печат на викенд-изданијата на нашиот весник, жанрот новинска карикатура денес во Македонија ќе беше мртов. Го спасивме со нула евра поддршка ос странските фондации и амбасади. И го правиме тоа како наш долг кон изворниот автентичен македонски хумор, некогаш признат не само ширум Југославија, туку и во светот.

И да не заборавам, го правиме тоа сеќавајќи се на убавите денови минати во нашиот „Остен“ и на нашите прекасни колеги, поголем дел од нив никогаш непризнати за она што навистина беа – вонсериски автори, значајни не само за македонскиот хумор, туку и за македонската култура воопшто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...