„Незгасливи чешки пламени“ – нова книга од Ристо Лазаров

Оваа книга ја третира и познатата Прашка пролет задржувајќи се најмногу на полемиката на двајцата чешки великани Вацлав Хавел и Милан Кундера

134

Имењаците Јан Хус, Јан Палах и Јан Зајиц се знаменити личности во историјата на Чешка: првиот од нив, знаменит реформатор од Средниот век, е спален на клада во 1415 година во Констанца, а останатите двајца се младичи кои се самозапалија зимата 1969-та, неколку месеци по инвазијата на советските тенкови на Чешка. Тројцата се своевидни вечни пламени на Чешка, живеат и ќе живеат со векови – незгасливи пламени. Ним е посветена втората книга од циклусот „Прашки ракописи“ на македонскиот писател Ристо Лазаров, која деновиве ја објави „Везилка 2011″.

Книгата е поеделена во пет глави. Првата глава му е посветена на Јан Хус и на прашањето колкава тортура може да издржи еден свет човек. Централно место зазема повикот на Хус: „Барајте ја вистината, сакшајте ја вистината, кажувајте ја вистината, научете ја вистината, бранете ја вистината до смрт“. Овој повик завршува со Хусовото познато уверување дека ќе победи вистинската вистина.

Натаму следува главата за Јан Палах чијшто јазик и гест авторот го именува како јазик на светлината, па за Јан Зајиц за кој најмалку се знае а кој се самозапалил само еден месец по Јан Палах и неговото проштално писмо до родителите:„… поздравете ги дечките, реката и шумата“.

Оваа книга ја третира и познатата Прашка пролет задржувајќи се најмногу на полемиката на двајцата чешки великани Вацлав Хавел и Милан Кундера, а завршува со кус преглед на самозапалувањата како чин на протест во Источна Европа, но и во другите делови на светот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...