Македонскиот народен театар по повод 73-тиот роденден кој го одбележува денеска, во текот на април ќе организира повеќе активности под мотото „Моќта на театарот“. Прва од повеќето планирани настани ќе биде изложбата „Моќта на актерот“ која денеска напладне ќе биде отворена во фоајето на театарот.
– Изложбата е посветена на актерите што учествувале во разни претстави. На оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може речиси ниту една претстава. На оние кои многу посветено и дисциплинирано го направиле секој лик и му ја дале својата душа – соопшти МНТ.
Изложбата ќе прикаже оригинални фотографии на повеќе од триесет актери кои работеле од првата сезона на МНТ во далечната 1945/46 година, па сè до почетокот на 21 век: Вера Вучкова-Жежељ, Добрила Пуцкова, Добрила Чабриќ-Ивановска, Тома Киров, Кирил Ќортошев, Цветанка Јакимовска, Ратко Гавриловиќ, Драга Арсенска-Велможин, Драги Крстевски, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Драги Костовски, Пантелеј Мирковски, Таше Кочовски, Кирил Попов, Вукан Диневски, Чедо Камџијаш, Анче Џамбазова, Димитар Костов, Кирил Андоновски, Душко Костовски, Владимир Светиев, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров, Мирче Доневски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански и Гоце Влахов.
Македонскиот народен театар почнал да работи на 3 април 1945 кога драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во превод на Блаже Конески и во режија на Димитар Ќостаров. Историјата на МНТ почнала со првата реченица во оваа претстава: „Сонцето, колку е блиску Сонцето“, изговорена од актерката Вера Вучкова.