Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека со цел обезбедување сигурен пласман и откупна цена утре ќе одржи средба со производителите на зелка, кои денеска излегоа на предупредувачки протест во струмичкото село Муртино.
Од Министерството информираат дека го следат пласманот на пролетната зелка на терен од самиот старт, но и преку разговори со земјоделските производители и трговците пред почеток на откупот, како и дека е разбирлива грижата и старавувањата од драстично намалување на цената на пролетната зелка, имајќи предвид искуството од неколку години наназад.
„На средбата само ќе ја потврдиме заложбата на Владата за сигурно производство и откуп што е во интерес не само на земјоделците туку и на извозниците. Обезбедувањето на сигурен пласман за земјоделските производи е еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија“, се наведува во соопштението од МЗШВ.
Во таа насока, како што информираат од МЗШВ, интензивно работат на промоција и отворање на нови пазари за македонските земјоделски производи.