Забранет влез за пци, разни гадинки…и колпортери (Роми и други маргинализирани и загрозени групи) на „Лице в лице“, сосе мене заедно со нив (а, не е чудо и за други „различни“ што не им се по кејф и по терк), пишува писателката Јагода Михајлова-Георгиевска откако не биле пуштени да влезат со колпортерот на спиаснието ,,Лице в лице“ во рамки на континуирана акција за продажба на списанието со поддршка на познати личности. Парите се користат за маргинализирани групи жители.
,,Нема ваква ознака на влезот од кафулето Caffe Bocata на плоштадот „Македонија“ со поглед на „Воинот на коњ“, барем да имаше, неоти ќе влезевме. Наивните ние, налетавме! Уличниот продавач, со препознатлива облека на лиценциран колпортер на списанието, и јас нелиценцираната, ама исто така облечена зашто го придружував во поддршка на нивната хумана мисија, влегуваме во Caffe Bocata.
Ден петок, овој втори март, надвор шиба дожд, внатре топло, полни масите, се испаруваат кафињата, чадат цигарите, џагори расположениот свет. Нерасположено кон “различните“, едно девојчиште гневно ни се вдава, попречувајќи ни го патот, келнерка, ли, менаџерка ли, сеедно. Надвор!, паѓа ратоборна наредба. Зошто?, прашувам, колпортерот Ром „ниту писна, ниту заби стисна“, навикнат бил на ваквите, отпосле дознавам. Излезете веднаш!, кербер девојчиштето го истопорува едрото тело на браникот пред напаста од „различните“. Галиба и јас и` се сторив Ромка, темен ми е тенот.
Новинарките и фоторепортерот на „Лице в лице“ не успеваат ни прагот да го минат, киснат на дождот. Овде е газдата?, прашувам. Излезете веднаш!, за`ржува одбраната. Од кај масите тапи, рамнодушни погледи, „нису одавде, не тиче их се“. Името на газдата?, пак јас. Не е важно!, му се спојуваат жичките на девојчиштето, ме турка кон излезот. Тоа жилаво, жилава и јас. Новинар сум, го вадам асот од ракав, а вие луѓе ли сте? Луѓе сме, надвор одовде!, се оѕверува, бездушно истуркувајќи ме, снажно некое богами. Го врти грбот и ми ја траска вратата на која не го пишува она „Забрането за разни гадинки…“, ама „го прочитавме“, отсега ќе знаеме.
Знајте го и вие Caffe Bocata, алергичното на „различните“. Не е единственото такво, и она кербер девојчиште не е раритетен примерок, „та не сме саде ние, та не сме саде тука“! Ви текнува на „чистите“ наспроти „гнасните“ црнчишта, Евреи, муслимани, гејови, избеглици…и други расни, верски, политички и секакви „различни гадинки“? На фашистите и фашизоидните наспрема „поинаквите“ од нив?
Вам, пак, на многубројните поддржувачи на „Лице в лице“ ви е позната неговата исклучителна емпатичност, креативност, урбаност, високата новинарска професионалност, во чиј импресум е нагласено:
„Списанието „Лице в лице“ го продаваат припадници на загрозените, маргинализирани групи. Еден примерок чини 100 денари, а една половина од оваа сума е заработка за продавачот. Нашите продавачи лесно ќе ги препознаете. Да им помогнеме да бидат успешни!“
Па, да им помогнеме!
(п.с. на фотографијата: девојчиштето од Caffe Bocata, колпортерот на „Лице в лице“ и јас)
Фејсбук статус на Јагода Михајловска – Георгиева