Мелничари: Нема бариери, ниту ограничувања за увоз на српското брашно

143

Правилникот воопшто не е нов, единствено претрпе измени на дефинираните процедури.

Македонските мелничари, увозници и земјоделци се зачудени од реакциите на Србија за извозот на брашното. Сметаат дека северниот сосед не е правилно информиран зашто со наводниот нов Правилник Македонија не става никакви бариери, ниту некому забранува да извезува колку сака. Единствено го смени редоследот на потполно истите, одамна дефинирани, и досега важечки услови за увоз.

Наместо да се ставаат маркички на брашното уште во Србија (или која било друга земја) од страна на извозниците, пред тоа да стигне на македонска граница, сега маркички ќе се ставаат по целосно завршената контрола на брашното за здравствена исправност, безбедност и квалитет, односно откако ќе се добијат резултатите од анализите на мострите земени од брашното при неговото стигнување на граница.

Во тоа е и суштината на Правилникот кој стапи во сила на 8 февруари годинава и по кој настана проблемот.

Како што велат за МИА од здружението „Агромел“ во кое членуваат 10 млинари и преку 500 земјоделци, Правилникот воопшто не е нов, единствено претрпи измени на дефинираните процедури, а проблемот со Србија го поттикнаа македонските трговци иако ниту тие, ниту увозниците или кој било друг, со измените ќе има некакви дополнителни трошоци.

И Здружението на мелничко-пекарската индустрија има идентичен став со „Агромел“. Оценува дека српската страна всушност регаира по лажна информација зашто Македонија со ништо нема ставено бариери, само, постојниот Правилник е редоследно сменет и обврзува пуштање во промет на брашното по завршување на анализите за здравствена исправност, безбедност и квалитет.

– Новиот Правилник е практично донесен врз основа на измени на постојниот и со него само се воведува ред при увозот на брашното. Сега, всушност, максимално ќе се почитува Законот донесен уште во 2011 година, односно, ќе се земаат мостри од брашното при неговото пристигнување на македонската граница, потоа брашното ќе се транспортира до соодветно регистрираното складиште, а откако ќе бидат готови анализите од мострите земени на граница (за здравствена исправност, безбедност и квалитет), инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе дојде во складиштето да изврши увид дали брашното соодветно се чува и потоа, ако е се во ред, на трговецот (увозникот) ќе му издаде записник со кој, пак, тој потоа доставува барање за маркички (бандероли) од АХВ – вели Моме Велковски од „Агромел“.

Според Велковски, по добивањето на маркичките, нивното лепење и повторната контрола од страна на инспекторот кој го затвора записникот, трговецот (увозникот) може да го пушти брашното во промет. На пакувањата мора точно да стои кој е производител и кој е увозник/извозник.

– Досега, конкретно, кога станува збор за Србија, српски камиони го транспортираа низ Македонија увезеното брашно што е апсолутно недозволиво. Исто така, се складираше кај се стигне. На пример, брашно купено за Прилеп, се чуваше во Куманово или во Крива Паланка, што исто така не беше во ред. Сега точно ќе се знае каков е квалитетот на увезеното брашно, каде е складирано и ќе се почитуваат прописите, на два метри квадратни да се складира еден тон брашно, а не како досега, да се чуваат по три до тона, вреќи наредени – вели Велковски.

Претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ тврди дека условите за увоз на брашно во Македонија и сега, по донесувањето на измените на Правилникот, се потполно исти, само нивниот редослед е сменет. Затоа, е зачуден, зошто воопшто има реакции од Србија.

– Со претходната редоследност на Правилникот, отворена беше опцијата некој да го прекршува, а со новиот редослед, се затвора таа можност, односно, потполно исто беше и порано, само што брашното влегуваше со претходно залепени маркички и се пушташе во промет пред да стигнат анализите на мострите за здравствена исправност, безбедност и квалитет земени на граница. Сега, мора прво да се почекаат резултатите од анализите и потоа да се залепат маркичките на брашното за тоа да се пушти во промет – нагласува Малишиќ.

И мелничарите и земјоделците, како што вели, со години наназад укажуваа на пропустите, но се реагира дури сега зашто кај институциите има воља.

– Информацијата веројатно не е добро пласирана на српска страна, некој очигледно ја мати водата. Ние како држава, и сите засегнати, немаме направено блокада. Само, како што реков, се подобрува контролата на здравстената исправност на брашното. Навистина нема никаква спорност во однос на увозот, дури се чудиме зошто Србија воопшто реагира. И не само што ништо не е сменето и не се зоглемени трошоците за увоз за никого, туку и се намалени цените на маркичките (кои си ги купуваат производителот на брашно од Македонија или, во случајов, увозникот). За А маркичка (за пакување од еден, два и пет килограми брашно) од 0,5 на 0,2 денара, а за маркичка Б (за 25 и 50 килограми, како и за рефус, од 1,5 денари на 0,2) – подвлекува претседателот на Здружението.

Според него, за влез во Србија нашите производи (секакви видови храна, вода, вино), чекаат на граница и по неколку дена, додека не бидат готови анализите за здравствена исправност.

– Кога извезуваме во Србија, храна, вода, вино, се се испитува здравствено и се чекаат анализите. Дури потоа се пуштаат на царинење, не во промет. Македонски ориз, на пример, стои на српска граница четири до пет дена додека не се добие анализа од Нови Сад, и тоа стои во камион, не во магацин. Водата исто, кога се извезува стои додека не се добијат резултатите од анализата. Во суштина, секоја држава го штити своето население, што е нормално. Не може да узвезувате се и сешто, а тоа да не е испитано – потенцира Малишиќ.

Правилникот за изгледот, формата и содржината на барањето за издавање контролни маркички за означување на брашното е донесен пред осум години, а измените на редоследот на процедурата стапија во сила на осми февруари годинава.

Македонија, според мелничарите, од Србија увезува 45.000 – 50.000 тони брашно годишно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...