Манчевски во Софија на разговори со Google, Microsoft, Cisco и IBM

На состанокот со претставникот на IBM, Николас Ходач, Манчевски разговараше за соработка во делот на развивање дигитални вештини и вклучување на ИТ образованието во наставниот курикулум.

162

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во рамки на меѓународната конференција на тема: „ИТ Хаб Конект 2018 – иновации, регулатива, инвестиции“, што се одржува во Софија, оствари повеќе средби со претставници на светски ИКТ компании, за потенцијални инвестиции во Македонија.

На состанокот со претставникот на IBM, Николас Ходач, Манчевски разговараше за соработка во делот на развивање дигитални вештини и вклучување на ИТ образованието во наставниот курикулум. Новиот пристап во образованието што го промовира IBM има простор и интерес да биде искористен како позитивен пример и во Македонија.

Ова ќе биде една од темите и на Дигиталниот самит, за што Ходач покажа голем интерес. Тој, исто така, ја понуди експертизата на IBM, за надминување на проблемот со постоење на два паралелни системи за интероперабилност кои меѓусебно не комуницираат, соопшти МИОА.

Можност за соработка постои и во делот на заштита на лични податоци и сајбер безбедност, на што во моментов работи Македонија.

Манчевски оствари средба и со Матиас Сачс, од Microsoft. Средбата се одржа во просториите на технолошкиот парк во Софија, каде беа претставени начините на кои функционира паркот.

Министерот ги покани претставниците на Microsoft на детална презентација во Македонија, каде ќе се разговара за можностите за инвестирање во земјата. Постои голем интерес за поддршка и помош во зголемување на искористеност на Облак (Cloud). Главните принципи врз кои што работи Microsoft се безбедност, регулација и зачувување на приватноста. Манчевски и господинот Сачс се согласија дека довербата во алатките што ги нудат новите технологии е од особено значење за граѓаните да ги користат активно, и во тој дел треба постојано да се работи.

На состанокот со Маркин Олендер од Google, министерот се осврна на дигиталната трансформација и проектот за младинска гаранција, како проект што обезбедува можност за преквалификација на младите, кои веднаш по завршувањето на студиите ќе имаат прилика да се добијат со потребното знаење за да бидат атрактивни на пазарот на труд.

Со претставниците од Cisco, Борислав Димитров и Пастора Валеро, Манчевски, разговараше за дигиталното образование, како задолжителен дел на средното образование. Cisco го претстави примерот на Франција, како позитивен пример што може да се имплементира и во Македонија.

Во наредниот период се очекува посета на претставници од Cisco во Македонија, каде ќе се разговара за можностите за инвестирање во Македонија, се додава во соопштението на МИОА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...