Франција се понуди да посредува меѓу Турција и Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат борците на сириските Курди, соопшти Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Париз исто така ги уверил Сириските демократски сили дека поддржува стабилизација на северна Сирија.
Курдскиот функционер Калед Еиса по средбата со Макрон и делегација од северна Сирија во која биле и претставници на Силите за заштита на народот (ЈПГ) на сириските Курди, рече дека францускиот претседател ветил оти ќе испрати француски војници во Манбиџ за да ја поддржат борбата против Исламска држава и да ја спречат Турција да напредува кон градот.
Кабинетот на Макрон одби да ја коментира оваа информација.
Претходно, турскиот Совет за национална безбедност по состанок одржан во Анкара соопшти дека Турција ќе преземе акција доколку екстремистите веднаш не се повлечат од сирискиот регион Манбиџ и областа источно од реката Еуфрат, соопшти.
Турција, која минатата недела го освои реонот на сирискиот град Африн по двомесечна офанзива против Силите за заштита на народот, повеќепати се закани дека своите операции ќе ги прошири кон исток до Манбиџ каде се стационирани и американски трупи.
Ширењето на турската воена офанзива на многу поголема територија која е под контрола на Курдите на исток, што турскиот претседател Тајип Ердоган вети дека ќе го направи, би довело до ризик од конфронтација меѓу сојузниците од НАТО, кои се во спор околу американската политика во Сирија и други прашања, предупредуваат аналитичарите.