Македонците сакаат да инвестираат во сончеви панели на покривите

Спремност постои, особено кај луѓето од средна возраст и со поголеми семејни буџети. Недостасува конкретна понуда и јасни владини политики.

1846

Една третина од точно 50 луѓе, во анкетата на порталот Плусинфо, спроведена од 20 до 28 февруари годинава, низ директен разговор со фокусна група испитаници, би сакале да инвестираат меѓу 5.000 и 7.000 евра за инсталација на фотоволтаични панели на нивните индивидуални станбени објекти, доколку банката им понуди поволен кредит и доколу државната компанија ЕЛЕМ им гарантира откуп на струјата и враќање на инвестицијата за 7 до 8 години. Попрецизно, 18 од 36 испитаници се изјасниле за овој „пакет“, кој во анкетата е поставен хипотетички, но е блиску до вистинските трошоци за инсталацијата, како и соодветствува со плановите на ЕЛЕМ, за кои извести Плусинфо во рамките на проектот „Фотоволтаичните технологии – енергетската иднина на Македонија“, поддржан од фондацијата Цивика Мобилитас.

Анкетата што ја спроведовме е една од завршните активности на проектот, а целта беше од група испитаници, потенцијални корисници и инвестори во оваа технологија, да го дознаеме вистинското расположение за еден ваков потфат. Со оглед на фактот што во рамките на истражувачките стории веќе разговаравме и со сопственици на фотоволтаични централи, како и со првиот иден производител на фотоволтаични панели во Македонија, таргет на нашата анкета беше група од 50 испитаници од различни возрасти и социјален бекграунд, но сите со една единствена заедничка карактеристика – сите живеат во индивидуален станбен објект. Зошто избравме таков примерок? Затоа што тоа се потенцијалните инвеститори во сончеви панели на покривните конструкции на нивните куќи и помали згради.

Потенцијални индивидуални инвеститори – има!

Се разбира, не беше лесно да се оформи една ваква фокусна група, особено што баравме група со релативно рамномерна структура на испитаници. Така, 12 од нашите испитаници се на возраст од 18 до 25 години, 18 на возраст од 25 до 40 години, 16 на возраст од 40 до 60 години и само четворица на вораст над 60 години.

Клучен податок за социјалниот бекграунд на испитаниците е вкупниот семеен приход со кој тие располагаат на месечно ниво. Па така, само 6 испитаници се со семеен приход помал од 30.000 денари, 10 испитаници располагаат со 30.000 до 50.000 денари месечно, 14 испитаници имаат вкупни семејни приходи од 50.000 до 70.000 денари месечно, 8 анкетирани пријавија приходи меѓу 70.000 и 90.000 денари и по 6 испитаници декларираа приходи меѓу 90.000 и 110.000 и над 110.000 денари месечно.

За да ги добиеме овие податоци, на анкетираните моравме да им понудиме анонимност. Освен тоа, свесни сме дека оваа анкета и не е истражување на јавното мислење во вистинска смисла на зборот, туку многу повеќе разговор со група луѓе за која нашите истражувачи претпоставуваат дека претставува своевиден репрезентативен примерок на потенцијални заинтересирани за индивиудални инвестиции за користење на фотоволтаичните технологии. Со дел од анкетираните направивме и поширок разговор од понудениот прашалник и ќе пренесеме дел од нивните импресии за темата.

Се разбира, фокусното прашање на анкетата гласеше вака: „Дали доколку банката Ви понуди поволен кредит и доколу државната компанија ЕЛЕМ ви гарантира откуп на струјата и враќање на инвестицијата за 7 до 8 години, би инвестирале меѓу 5.000 и 7.000 евра за инсталација на фотоволтаични панели на Вашиот индивидуален објект?“ Како што веќе рековме, хипотетичкиот инвестициски пакет се темели на реалните цени на пазарот (зборуваме за инвестиција за просечна индивидуална куќча од 80 метри квадратни), на реалната заинтересираност на банките да нудат кредити, како и на декларираните намери на ЕЛЕМ за еден ваков проект, за што веќе пишувавме.

Точно 18 испитаници, или 36 отсто, на ова прашање одлучно одговорија со „да“. Само 11 испитаници одговорија со „не“, додека останатите 21 испитаник (високи 42 отсто) се определија за понудениот одговор „не знам“. Неодлучноста е лесно објаснива со самиот факт што прашањето нуди хипотетичка ситуација, а на пазарот сѐ уште нема конкретна понуда во која се вклучени ЕЛЕМ или некоја друга голема компанија за поддршка.

– Лесно е да се каже „да“ на вашето прашање, но потребно е да се знаат одговорите на многу други прашања. На пример, би сакал да знам по која цена ЕЛЕМ би ја откупувал струјата од мојата инсталација. Исто така, би сакал да знам што ќе покрива таа цена, колку ќе трошам и на крајот на краиштата, колку месечно ќе плаќам струја за моето домаќинство. Сега сум приклучен на градско парно и месечно не трошам повеќе од 2.000 денари за струја. Ако инвестицијата навистина би можела да ми се исплати за 7 до 8 години, како што велите, зошто да не? Но, кој ќе ми го гарантира тоа? – вели еден од испитаниците, скопјанец на возраст од 39 години.

Кон оваа изјава, треба да се прородадат и фактите од вкрстената анализа. Според очекувањата, најголем дел од испитаниците (80 отсто) кои одлучно се определуваат за инвестирање се во двете возрасни групи од 25 до 40 и од 40 до 60 години, додека повеќе од две третини од нив се со семејни приходи над 70.000 денари.

Не сакаат да имаат работа со „државата“?

Второто по значење фокусно прашање е следново: „Дали, кога би инсталирале фотоволтаици на Вашиот индивидуален објект, би сакале ЕВН да ги откупува вишоците струја и цената да ви ја одбива од сметката за струја, или не би сакале Вашата инсталација да ја вклучувате во мрежата?“ Во дообјаснувањето на прашањето, нашите истражувачи на испитаниците им објаснуваа дека доколку се определат за опцијата „не, би сакал самостојна инсталација со сториџ (акумулатор)“, тоа битно би ја поскапело инвестицијата. Но, интересно е дека и покрај тоа објаснување, најголем дел од испитаниците (14 или 28 отсто) се определиле токму за оваа опција. Во разговор со некои од нив, го откривме објаснувањето за податокот што за нас беше изненадување.

– Јас имам индивидуална станбена куќа, во која живеам со сопругата, која работи, како и со две деца. Но, со нас заедно живеат и моите повозрасни родители – објаснува 34-годишен охриѓанец и додава. – Локацијата на мојата куќа е одлична и јас практично нема да имам големи вишоци на струја. Моите родители во текот на денот готват, апаратите на струја работат интензивно. Затоа, не сакам да имам никаква врска со ЕВН, со ЕЛЕМ или со било кој друг. Во Грција имам видено вакви инсталации, со сториџ и тие функционираат беспрекорно. Искрено, не сум се распрашувал за цените, но кога би се одлучил да инвестирам, би сакал да си имам затворен сиситем и да не се пазарам со државата.

Тринаесет испитаници изјавиле дека би сакале ЕЛЕМ да ги откупува вишоците по гарантирана цена, утврдена со договор, додека само 5 би прифатиле ЕЛЕМ да ги откупува вишоците по пазарна цена. Вкупниот број на овие две групи соодветствува со групата која го прифати нашиот хипотетички пакет, врзан токму со ЕЛЕМ. Ако кон оваа група од 18 испитаници се природадат и оние 14 кои се определиле за затворен систем, доаѓаме до висок степен на спремност за инсталирање фотоволтаични панели – 32 испитаници или 64 отсто.

Вистинското прашање што се наметнува после еден ваков податок е колку е тој реален. Веќе рековме дека фокусната група е строго таргетирана и истражувањето требаше да покаже дека голем дел од испитаниците се релативно добро информирани за можностите за инсталирање на сончеви панели на нивните индивидуални објекти. Впрочем, поголемо расположение да одговорат на нашите прашања покажаа токму луѓе кои веќе имаат солидни предзнаења од областа.

Владините политики не смеат да бидат енигма

На оваа тема во анкетата понудивме дури четири контролни прашања. На прашањето „дали сте запознаени со можностите за користење на фотоволтаици за производство на струја?“, високи 76 отсто од фокусната група испитаници (38), одговориле со „да, обемно“ (22) и „да, површно“ (16).

Интересно е дека висок степен на информираност регистрира и прашањето „дали сте информирани за цените за инсталирање на фотоволтаични панели на покривите на индивидуалните станбени објекти“. Точно половина испитаници (25) на ова прашање одговориле со „да“, а другата половина со „не“. Сепак, во неврзан разговор со испитаниците, добивме различни податоци за цените, кои, според нивното објаснување, потекнуваат од различните извори од кои се информирале.

Но, мошне е интересен податокот дека дури 42 испитаници (84 отсто), позитивно одговориле на прашањето „дали сте запознати дека во соседна Бугарија, на пример, постои тренд на масовно инсталирање соларни панели на индвидуалните објекти за живеење“. Една 58-годишна жена од Крива Паланка на нашите истражувачи им рече:

– Јас го прочитав написот во вашиот портал Плусинфо за тоа како стојат работите во Бугарија. Но, морам да ви кажам дека ние во Паланка одамна сме запознаени со сончевите панели. Не можам да ви посочам конкретни објекти кои имаат фотоволтаици, но ако се свртите околу себе, на покривите на куќите ќе видите многу сончеви бојлери, од постара и од понова генерација. Сето тоа доаѓа од Бугарија, каде што ние често патуваме. Веројатно слична е ситуацијата во Гевгелија и во Битола, каде што луѓето ги следат примерите од Грција.

Она што делумно разочарува се одговорите на прашањето „дали сте запознаени со владините политики за искористување на сончевата енергија за производство на струја“. Само 11 испитаници одговориле со „да, запознат сум“, 9 одговориле со „запознат сум само површно“, додека 30 испитаници одговориле дека не се запознати. Безмалку две третини од испитаниците кои не се запознати (18) се од возрасните групи од 25 до 40 и од 40 до 60 години, каде што регистриравме и најголема спремност за инвестирање во фотоволтаични панели на покривите на индвидуалните станбени објекти.

Објаснувањето за оваа контрадикција веројатно лежи во фактичката состојба во презентацијата на владините политики. Имено, владата вети конкретни проекти за изградба на фотоволтаични централи, но не и за индивидуалните домаќинства. ЕЛЕМ, пак, обзнани проект, но сѐ уште не се обелоденети или не се доволно познати условите под кои би се откупувала струјата произведена на овој начин и точно каков бенефит ќе има секое домаќинство што ќе реши да инвестира. Треба да се очекува овие прашања да се разјаснат во најскоро време.

Како и да е, анкетата на Плусинфо, која нема претензии да го има степенот на релевантност на истражување на јавното мислење, за нас донесе интересни впечатоци за односот на граѓаните кон фотоволтаичните технологии. Одговорите ни потврдија дека за оваа тема во Македонија постои извесно ниво на интерес и мотивираност на потенцијални индивидуални инвеститори, што ни ја објасни релативно високата читаност на истражувачките стории што ги објавивме досега. Во следните две недели нашиот проект ќе биде окончан со интервју со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и со една видео-дебата на група експерти од областа, по што ќе можеме да донесеме и финален заклучок до каде сме со нашата желба да се искористи енергијата од сонцето и во која мера, во овие шест месеци, Плусинфо придонесе да се развие поголема свесност за оваа исклучително значајна тема.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...