Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на збирката раскази „Punk is dead“ од современиот словенечки писател Томаж Космач (1965), која содржи трагикомични ситуации што го отвораат прашањето за етаблираните општествени норми.
– Расказите се напишани на директен и соголен јазик со посебна исповедна моќ. Авторот ги опишува со алкохол натопените секојдневни настани на раскажувачот и неговите сопатници. Тие се наоѓаат на општествените маргини, водејќи живот чии мотиви најчесто само самите можат да си ги објаснат. Аутсајдери од словенечкото општество, губитници кои се надвор од речиси секоја општествена вклученост. Но, Космач нивните мали драми ги прикажува со специфична човекова блискост и разбирање, така што кај читателот се појавува силна емпатија за нив – наведува „Готен“.
Книгата е објавена со финансиска помош на меѓународната книжевна мрежа „Традуки“. Преводот на книгата од словенечки на македонски јазик е на Дарко Спасов.