Американскиот политички и економски аналитичар Лоренс (Лeри) Кадлоу ја прифатил функцијата главен економски советник на претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти синоќа Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, официјално објави дека Кадлоу ја прифатил позицијата.
Кадлоу е конзервативен медиумски аналитичар, кој му беше неофицијален советник на Трамп за економски прашања.
Претходниот економски советник Гери Коун поднесе оставка поради новите американски царини за увоз на челик и алуминиум.
Кадлоу вчера изјави дека Кина заслужила остар одговор од САД и други земји во врска со трговијата.
– Кина одамна не игра според правилата – рече новиот советник, нагласувајќи дека не ги сака царините. Тој додаде дека се надева оти ќе се создаде коалиција од земји кои ќе ѝ се спротивстават на Кина во трговијата.
Според Кадлоу, новите царини нема да ѝ наштетат на американската економија како целина.