Еден од најплатените модели во светот, Бразилката Адријана Лима, резервирала неколку апартмани на Свети Стефан, Црна Гора, каде што во август планира да престојува десет дена со семејството, објави српски „Курир“.
Според информацијата, за одморот Лима избрала луксузно сместување каде што најниска цена за ноќевање во тој период од годината е околу 1.800 евра.
Наводно, Лима со ќерките ќе престојува во раскошен апартман, а резервирала и соби за дадилката и за членовите на обезбедувањето, што ќе ја чини околу 20.000 евра.
– При ланскиот одмор Лима се воодушеви од Свети Стефан, па одлучи и ова лето да дојде. Веќе резервира за средината на август, кога со ќерките ќе ужива во Црна Гора. Апартманот во кој ќе престојува, ќе гледа на море, ќе има приватен базен, а ќе биде опремен во традиционално модерен стил. Таа најми и јахта со која ќе ги разгледува и другите места – објаснил извор упатен во целиот случај – бележи српски „Курир“.
Манекенката немала некои посебни барања, разгледала фотографии од апартманите и ги избрала оние што најмногу ѝ одговараат. Изворот додал дека Адријана била воодушевена од Јадранското Море и затоа сакала повторно да летува баш во тој дел.
Од рецепцијата на луксузниот комплекс во кој треба да престојува Лима со семејството, не ја потврдиле ниту демантирале оваа информација.
На островот ужувале голем број светски ѕвезди како Софија Лорен, Кирк Даглас, Клаудија Шифер и Роналдиљо.
Лани Лима со ќерките и поранешниот сопруг Марко Јариќ, престојуваше во Будва. Манекенката тогаш посети многу знаменитости, а по слетувањето на Тиват, на социјалните мрежи порача: „Толку многу за истражување. Здраво, Црна Гора!“
Фото: EPA/SEBASTIEN NOGIER