Немаше да прифатиме вакво решение ако немавме гаранции дека за еден месец проблемот ќе се реши сеопфатно за да не се занимаваме со него секоја година, изјави денеска министерот за трговија Расим Љајиќ во врска со извозот на брашното и постигнатиот договор на вчерашниот состанок во Скопје.
Гостувајќи во утринскиот дневник на РТС, Љајиќ нагласи дека ставот на српската страна бил усогласен со мелничарските здруженија и дека постигнатото решение е добра основа за натамошен извоз на брашното.
– Трајно решение нема да има без договорот што го постигнавме во Скопје и што го орочивме на еден месец – објасни министерот.
Повтори дека ќе се формира српско-македонски комитет чија прва седница ќе се одржи на 14 март во Белград и на неа ќе се бара долгорочно одржливо решение за укинувањето на сите вонцарински бариери за зголемување на трговинската размена.
– Главните бариери поради кои стагнираме се политички и создаваат лоша клима за економската соработка, но постојат и царински бариери. Поради бариерите што ги имаме, но и кои ние на другите им ги правевме, сите стагнираме, а сакаме слободен проток на стоки. Логистичките трошоци на Западен Балкан се 16 отсто БДП, а во Европа осум проценти – нагласи Љајиќ, констатирајќи дека „единствено решение е заедничкиот економски простор и потполното укинување на бариерите“