Американската пејачка Кристина Агилера веќе две децении е присутна на јавната сцена, а освен исклучителните гласовни способности, позната е и по храбрите промени на својот изглед. Кристина целата своја кариера се „крие“ зад шминката, а по 20 години таа одлучила да го покаже своето вистинско лице.
Сурова убавина
Овој пат се фотографирала за насловната страница на американскиот магазин „Пејпер“ и покажала како изгледа без грам шминка, а на фотографијата во крупен план се гледа прстенот со натпис „Мајка“. Во магазинот се објавени уште неколку фотографии од ненашминката Агилера, но и некои на кои таа е нашминкана.
Триесет и осумгодишната музичарка Кристина Агилера досега негуваше нежен изглед на русокоса, а своите црти на лицето ги нагласуваше главно со интензивна шминка – најчесто со темен кармин и ајлајнер.
Овој пат решила да ги изненади сите, па се фотографирала за априлското издание на магазинот „Пејпер“ без грам шминка на своето лице. Како што вели, иако обожава да прави храбри промени на својот изглед, таа ја прифаќа својата природна убавина.
– Отсекогаш сум била некој што сака да експериментира, обожавам театралност и уживам да создавам приказна и да играм одреден лик во своите спотови или на настапите на сцената. Јас сум по природа изведувач. Се наоѓам на позиција, дури и музички, каде што е ослободувачко чувството да симнете се од себе и да го почитувате она што сте, како и својата сирова убавина – истакнала убавата пејачка. Во подготовките за фотографирањето, визажистите на Кристина ѝ ги отстраниле светките од капаците на очите, целата „тешка“ пудра и останатата шминка што инаку ја нанесува на лицето и излегле на виделина и нејзините пеги. Но, таа не е подготвена да се откаже од својот вообичаен изглед по овие фотографии.
Злоупотреба
Во интервјуто, Кристина проговорила и за малтретирањето и злоупотребата на жените, поточно за нејзината мајка.
– Ја гледав мајка ми како се труди да биде покорна и да внимава на своето однесување за да не биде тепана. По такви искуства и глетки, за жал, можете да бидете толку уништени што вашиот живот ќе тргне по лош пат, или можете да зајакнете и да одлучите дека нема да одите по истиот пат. Мразам кога луѓето велат за злоупотребуваните жени „зошто не си заминала“. Станува збор за ментална злоупотреба во такви ситуации. Многумина не знаат како да се извлечат од тоа – изјавила познатата пејачка.
Пејачката со моќен глас последниот студиски албум го објави пред шест години, а беше членка на жирито во музичкиот натпревар „Глас“. Исто така, повремено се појавува во филмови и серии. Најмногу им се посветила на своите деца, синот Макс Лирон (10), кој го добила во бракот со музичкиот продуцент Џордан Братмен, и ќерката Самер Рејн (3), која ја има со свршеникот Метју Рутлер (32). Кристина вели дека најмногу ужива поминувајќи го слободното време дома во тренерка, а редовно вежба и јога. Се дружи со пријателите што се „стари“ колку неа и ужива во заедничкото гледање филмови.