Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје од вечерва функционира Координативен центар за културна соработка меѓу земјите Централна и Источна Европа и НР Кина во рамки на Иницијативата 16+1.
Министерот за култура Роберт Алаѓозоски на отворањето рече дека за Македонија, овој Центар за културна соработка и целата иницијатива 16+1 е одлична можност, не само за унапредување на традиционално добрите и пријателски односи со Кина, туку и за воспоставување на уште поблиски релации и интензивирање на соработката со сите земји од Источна и Централна Европа.
– Иницијативата 16+1 има благородна цел да ја интензивира и прошири соработката со единаесетте земји членки на ЕУ и петте балкански земји што ќе овозможи регионална поврзаност и забрзан економски развој. Се надевам дека со оваа иницијатива и овој Центар ќе успееме да ги отвориме уште повеќе вратите на соработка и со тоа да придонесеме за помирен, постабилен и попросперитетен свет – рече Алаѓозоски.
Посочи дека за таа цел Кина стави на располагање кредитен фонд од 10 милијарди долари, кој предвидува средства за развивање на слободни економски зони, транспортна инфраструктура, доделување на над 5000 стипендии за образование за студенти од ЦИЕ во следните пет години, како и поттикнување на соработката во туризмот, културата, младите и во многу други области.
Кинеската амбасадорка Јин Лиџиан наведе дека Македонија во изминатите години активно учествувала и ја промовирала културната соработка во рамки на иницијативата 16+1.
– Формирањето на овој Центар ќе игра важна улога во координацијата на културната размена и соработката меѓу седумнаесетте земји. Му посакувам голем успех на Координативниот центар во промовирањето на културната размена и соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ – рече Лиџиан.
Кина, како што посочи, ќе даде целосна поддршка за работата на Центарот.