Во рамки на Деновите на македонска музика, вечерва во Камерната сала на Македонската филхармонија концерт ќе одржи израелскиот ансамбл за современа музика „Меитар“.
Премиерно ќе бидат изведени делата на македонските автори Ангел Спироски и Михаило Трандафиловски, како и композиција на Валентина Велковска-Трајановска.
Ансамблот ќе отсвири неколку камерни дела од израелски композитори.
„Меитар“ е основан во 2004 година од уметничкиот директор и пијанист Амит Долберг по што се етаблира како еден од водечките ансамбли специјализирани за изведба на нова музика во Израел. Членовите се истакнати виртуози и музички професионалци.
Од Тел Авив, ансамблот постојано гостува ширум светот, настапува во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали. Во изминатите десет години има премиерно изведено преку 200 нови дела, а редовно соработува со композитори како Фабијан Панисело, Марк Андре, Валтер Зимерман, Филип Леру, Матијас Пинчер, Даниел Питер Биро, Иван Феделе, Чаја Черновин, Владимир Тарнополски, Гија Канчели, со издавачките куќи VERSO од Шпанија, ALBANY од САД, музичкото издаваштво при Израелскиот институт за музика.