Во Русија, Федералната служба за обезбедување, попозната како ФСО, важи за најтајна специјална организација во Русија, позатворена дури и од ФСБ.
Моќната служба потекнува од Деветтиот директорат на КГБ, уште од времето на Советскиот Сојуз. Примарна задача ѝ е безбедноста на рускиот претседател Владимир Путин. ФСО ги затворила информациските канали до таа мера што сите сознанија за оваа организација на некој начин се базираат на претпоставки.
Јавноста не добива никакви извештаи за операциите на Федералната служба за обезбедување, а она што се знае од објавите на руските медиуми, малку се штури статии што не се дополнуваат веќе со години. Токму поради големата тајност, неретко припадниците на оваа служба се нарекуваат „духови“.
Историјат
Службата 16 години ја водел генералот Јевгениј Муров, постар колега на Владимир Путин од деновите кога работеле во КГБ. По пензионирањето на Муров, контролата над ФСО во 2016 година ја преземал неговиот заменик Дмитриј Кочњев. Се претпоставува дека има околу 50.000 униформирани припадници, како и неколку илјади од оние што работат во длабока тајност. Покрај тоа, тие го контролираат фамозниот „чегет“ – актовката во која се наоѓаат контролите за нуклеарното оружје на Русија. Иако примарната задача на ФСО е да го заштити претседателот на Русија, нивните припадници се грижат и за безбедноста на судиите, министрите, високите службеници, а често и за заштитени сведоци.
Двојници на Путин
Руската „Новаја газета“ пишувала дека ФСО има барем двајца двојници на Путин, кои се користат за потреби на „егзибиција“ како пловидба со мини-подморница по морското дно, пилотирање со авион и слични активности опасни по живот. Идентитетот на припадниците на ФСО се чува во најстрога тајност, иако руските медиуми пишуваат дека агентите неколкупати на социјалните мрежи поставувале свои фотографии од големи настани на кои го чувале рускиот претседател. Сепак, тие фотографии експресно исчезнале и повеќе не може да се пронајдат на интернет.
Како што пишувал рускиот портал „ Раша бијонд“, ФСО има право да врши оперативна истрага, да прислушува разговори, да отвора писма, да приведува граѓани, да претресува станови и да конфискува автомобили. Под нивна контрола е секоја 12-та улица во Москва, а за сите граѓани што живеат на тие улици се води посебно досие. Рускиот портал „РБК“ пишувал за „немилосрдната војна“ меѓу руските тајни служби, која се води за приматот и наклонетоста од претседателот. Во тој судир ФСО, според пишувањето на тој портал, ја однел победата на ФСБ.
Како што наведува „Комерсант“, ФСО во тој период ја преземала контролата и над тековите на пари, ресурси и имот, а провладините медиуми оваа служба често ја нарекуваат „семоќна организација од сенка“. Тоа што се знае е дека денес ФСО ги врши сите задачи што некогаш ги вршел КГБ.