Климатските промени повеќе ги засегаат жените, покажува студијата на неколку здруженија и ОН, обединети во иницијативата на Би-Би-Си „100 жени”. Резултатите покажуваат дека за жените, климатските промени носат повеќе негативни промени.
Податоците на ОН, на пример, покажуваат дека 80 отсто од луѓето кои морале да се преселат поради климатските промени се жени. Тие се, исто така, поранливи во време на суша или поплави.
Во Централна Африка, на пример, 90 проценти од езерото Чад е веќе пресушено, поради што жените треба да минуваат многу подолги растојанија заради вода.
– За време на сушната сезона, мажите одат во градовите, а жените остануваат да се грижат за локалната заедница, изјави за Би-Би-Си Хинду Оумару Ибрахим, координатор на Здружението на локалните жени и луѓето на Чад. Освен тоа, сезоната на суши станува подолга, така што жените подолг период немаат помош во домовите.
Проблемот е сличен и во развиените региони и градови. По ураганот Катрина во 2005 година, жените беа најпогодени од поплавите во државата Луизијана.
Стапката на сиромаштија во Њу Орлеанс пред ураганот беше многу повисока кај афроамериканците. По ураганот, повеќе од половина од сиромашните семејства во градот биле на самохрани мајки. Тие зависеа од помош и донации, а ураганот во голема мера ги уништи овие мрежи на достава, се наведува во истражувањето.
По цунамито во Шри Ланка, Индонезија и Индија во 2004 година, бројот на преживеани мажи беше скоро 3: 1 во споредба со преживеаните жени. Истражувањата не можат да ја утврдат конкретната причина, но сметаат дека ова е поради тоа што е поголема веројатноста дека повеќето мажи знаат да пливаат и поради тоа што жените изгубиле повеќе време грижејќи се за децата и роднините.
Во земјите каде жените уживаат повисоко ниво на еднаквост, овие пропорции се пониски, велат научниците. Сепак, дури и во националните и глобалните климатски институции, застапеноста на жените е под 30 отсто, се наведува во анализата на ОН.