Кина соопшти дека планира да воведе царина на американскиот увоз во вредност од три милијарди долари, како одговор на царината на САД врз кинеските челични и алуминиумски производи.
Двете најголеми економии во светот се на раб на трговска војна.
Кинеското Mинистерство за трговија изјави дека Пекинг размислува за 15 отсто царина врз американските производи, вклучувајќи ги и сувото овошје, виното и челичните цевки и 25 отсто давачки за свинско месо и рециклиран алуминиум.
Кина состави список од 128 американски производи, што можат да бидат засегнати, ако двете држави не успеат да се договорат за трговските прашања.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе трговски мерки против Кина со образложение дека дефицитот на САД со Кина е „вон контрола“ и дека изнесува 504 милијарди долари. Тој го обвини Пекинг за кражба на интелектуална сопственост.
– Тоа е најголем дефицит што го има која било држава во историјата на нашиот свет. Тоа е вон контрола.Имаме и актуелна ситуација и со огромната кражба на интелектуална сопственост што изнесува стотици милијарди долари, изјави Трамп.