Кина ја продолжи царинската војна со Трамп: Пекинг воведе царини за 128 производи од САД

Кина објави противмерки на увоз на американски производи наметнувајќи царини во висина до 25 отсто за 128 проиизводи како одговор на американските царини за челик и за алуминиум, објави кинеското Министерство за финансии.

507

Кина објави противмерки на увоз на американски производи наметнувајќи царини во висина до 25 отсто за 128 проиизводи како одговор на американските царини за челик и за алуминиум, објави кинеското Министерство за финансии.

Официјален Пекинг минатиот месец предупреди дека размислува за воведување царини што предизвика голема загриженост поради можно избивање трговска војна меѓу двете држави.

Одлуката за воведување царини е донесена по неколкунеделни предупредувања до Вашинтон да го преиспита воведувањето царини од 25 отсто на челик и 10 отсто на алуминиум.

Новите кинески царини се однесуваат на различни производи од овошје до свинско месо.

– Поради заштита на националните интереси и компензација на штетата предизвикана од мерките што ги донесоа САД, Кина од 2 април прекинува со обврските на намалување на увозни тарифи за 128 видови стока од седум категории кои се увезуваат од САД… На 120 видови, вклучувајќи и овошје, царината ќе изнесува 15 отсто, а на осум, вклучувајќи го и свинското месо – 25 отсто, се наведува во документот на Министерството за финансии.

Иако цел на американската царина е Кина која го преплавува светот со ефтин челик и алуминиум, а САД тврдат и дека „краде технологија“ или ги присилува странските фирми да и ја предадат, мерката ќе погоди и многу други земји.

На некои земји, меѓу кои се членки на ЕУ, Канада и Мексико, администрацијата на Трамп им одобри привремено изземање од плаќањето на новиот данок, до завршување на тековните договори.

Лидерите на 28-те членки на ЕУ, сепак предупредија дека додека Вашингтон не обезбеди целосно изземање на даноците за ЕУ, тие ќе го задржат правото „да им одговорат на САД со соодветни мерки и на пропорционален начин“.

Додека меѓу функционерите се зборува за „трговска војна“, германската канцеларка Ангела Меркел кој крајот на минатиот месец изјави дека е важно да е избегне „спирала од трговски мерки“ поради која сите би загубиле, додека претседателот на Франција Емануел Макрон рече дека стратегијата на САД е лоша.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потпиша меморандум „За борба против економската агресија на Кина“. Тој изјави дека го почитува кинескиот претседател Си Џинпинг, соработката со Кина за Северна Кореја, но додаде дека „ има трговски дефицит“.

Тој дефицит се проценува на меѓу 375 милијарди и 504 милијарди долари.

Поради кражба на интелектуална сопственост во вредност од стотици милијарди долари, Трамп одлучи да го примени Членот 301 од Законот за трговија од 1974 година кој овозможува да се воведат забранети царини. Под нив ќе се најде кинеска стока во вредност меѓу 50 и 60 милијарди долари.

Конечниот список на стоки ќе биде објавен во наредните две недели. Освен тоа, против Кина ќе биде подготвена и тужба во Светската трговска организација.

Според СТО, со еднострана американска одлука за воведување царина од 25 отсто на увоз на челик и десет отсто на увоз на алуминум им се дава право на американските трговски партнери да одговорат на ист начин.

Светскиот економски раст се темели врз основа на трговијата.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повеќепати од доаѓањето на Трамп на власт предупреди дека протекционистичките тенденции штетат на глобалното опоравување.

Новиот претседател на американскиот Фед, Џером Пауел по одлуката на Трамп изрази резервираност за трговските санкции. На сослушувањето во Сенатот тогаш оцени дека „царините не се најдобар начин“ и потсети дека „генерално“ трговијата има „позитивно влијание“ врз економијата.

– Економските последици на тие царини врз маркоекономските услови ќе зависат најмногу од нивното влијание на довербата на домаќинствата и фирмите, изјави тогаш Мики Леви, економист на консултанската куќа Беренберг Капитал Маркетс.

Царините на увезените производи би можеле да доведат до зголемување на цената во различни сектори. Но, далеку од тоа е и дека воведувањето на високи царини ќе ги сочува работните места или нивното отворање.

Американските здруженија на фармери изразија жалење поради новите мерки на Трамп истакнувајќи дека со желбата да заштити производители на челик и алуминиум, тој отвора пат за противмерки што тешко ќе погодат други сектори како што е земјоделството.

Во 2002 година претседателот Буш воведе царини за челик што беа на сила 18 месеци. Во тој период речиси 200 илјади американски работни места трпеа последици од таа протексционистичка мерка, наведуваат економисти од Оксфорд Економист во документ објавен минатата недела што се темели на истражување спроведено во тоа време.

Речиси веднаш по објавувањето на мерките се случи пад на светските берзи – индексот Дауд Џонс се намали на Волстрит за 1,7 отсто, јужнокорејскиот Сенг за 1,5 отсто, јапонскиот Никеи за 2,5 отсто.

Во истиот момент Тојота соопшти дека таквите царини „значително ќе ошетат“ производители на автомобили бидејќи тоа значи и повисоки цени за автомобилите за американските купувачи.

Очигледно е дека американските царини за челик и алуминиум би биле кобни и за сосем други стопански гранки и дека целата таа трговска војна ќе предизвика последици што тешко можат да се предвидат.

Директорката на ММФ, Кристин Лагард повика на смирување на страстите, но истовремено ја предупредува Кина дека треба да ги намали своите преголеми капацитети од челичната индустрија.

Европското здружение на производители Еурофер проценува дека американските царини ќе предизвикаат голем пад на европскиот извоз во САД. Првите проценки укажуваат за минус од 50 отсто, па и повеќе.

Во студија на Американската економска асоцијација се нагласува дека во американската индустрија на челик меѓу 1962 и 2005 укинати се три четвртини работни места. Тој тренд продолжува и по 2005 година. Меѓутоа, продуктивноста во тој сектор за секој работник е зголемена дури петпати.

– Поради тоа, зголемувањето на бројот на вработени може да биде многу помал отколку што се надеваат многумина, се вели во студијата објавена од агенцијата Еконофакт

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...