Кили на сцената, „Вардар“ во срцето, „Бубамара“ лази по политичарите

144

Традиционално, со гласот на децата од „Златно славејче“ започна 21. издание на најпопуларната манифестација во Македонија „Златна бубамара на популарноста“.

Пред ценетиот публикум, како што милува да каже, заради подобар живот се врати Кили, кој што изјави дека му е мило што е дома. Домаќинот и организатор на „Бубамара“, незаменливиот Ранко Петровиќ ги поздрави присутните изјавувајќи: „Добро вечер љубители на добра музика, почист воздух и поубав живот“, најавувајќи го четиричасовното уживање во преполната Вип арена „Борис Трајковски“. Како вистински домаќин и организатор, тој прошета меѓу присутните за да се увери дека сите удобно уживаат.

По славејчињата сцената ја загреа Дани, со која Кили кусо одигра кавалерски танц, подарувајќи и бела роза.

Најголема еуфорија вечерта предизвика настапот на Наум Петрески, Виолета Томовска во придружба на академскиот хор „Мирче Ацев“ на „Ој Вардаре македонски“, кога на сцената се појавија ракометарските шампиони „Вардар“, заедно со Раул Гонзалес. Публиката беше на нозе, пееше и ги поздрави со овации и аплауз.

Впечатлив и носталгичен беше настапот на гостинот Дадо Топиќ кој со Тамара ја испеаја песната од „Бољи живот“, соодветно на темата на манифестацијата.

Игор Џамбазов потсети на луѓето што не напуштија минатата година – Саша Николовски – Ѓумар, Иван Карадак и Зоран Милосављевиќ.

„Дубиоза колектив“ ја почести публиката со неколку песни, заедно со Џамбо Агушев, изведувајќи и т.н. македонска заклетва (се колнам дека ќе лажам, крадам…), сатирично на сметка на политичките партии.

Со изведба на песни од „Нови фосили“, Нина Деан, Маја Панчева и Александар Митевски го најавија бендот кој истакна дека не настапувал во Македонија цели 28 години. На звуците од „За она доба стара времена“ им се придружија поранешните ракометарки на „Кометал“.

Кили настапи со „Everybody Needs Somebody“, изјавувајќи дека „Бубамара“ е најдобрата журка од Еквадор до Алјаска.
Публиката уживаше и во настапот на легендарните „Меморија“, и шизеше во изведба на тема од популанриот театарски мјузикл „Мама миа“.

Присутните едвај го дочекаа Сашко Коцев кој на бината излезе предупредувајќи ја публиката со зборовите „Седете море еј“. Тој се шегуваше за иселувањето на Македонците, за планот 3 – 6 – 9, тепачката во собранието, непродадениот „мерцедес“, штедењето, поплавениот Архив на Македонија, градењето доверба со Грција, промашениот автопат и името, сугерирајќи дека треба да го содржи цел македонски историјат. Сашко Коцев беше извонреден како и секогаш. На сцената се појави и Тино, од Атанас и Тино, овојпат сам, како што рече затоа што дошол живот и сега никој не му пречи на сцената. Тој сатирично говореше за сива скопска ракија, шилеговача (алудирајќи на загадениот воздух), за тврдокорна и коалициска ракија и грујовача.

На ова издание на „Златна бубамара“, Дани го има албумот на годината („Град за љубов“), „Октет Македонија“ доби награда за животно дело, Маја Оџаклиевска за трајни вредности, а Тијана е прогласена за мултимедијален уметник.

Филм на годината е „Исцелител“, најдобра серија „Фамилијата Марковски“, најпопуларна серија „Инсајдер“, актер на годината е Александар Микиќ, актерка Нина Деан, претстава на годината е „Вардарски пастуви“, а актерско откритие Благој Веселинов.

Спотот на годината го има Марко Слаткар („Терориста“). Најдобрата ТВ сатирична емисија е „Фчерашни новости“, најдобра ТВ емисија „Еден на Еден“, а најдобар ТВ проект е „Патот на успехот“ со Мишко Иванов.

На „Нови фосили“ им беше врачена бубамара за трајни музички вредности, додека за бендот „Меморија“ беше резервирана наградата за концерт на годината. „Мама Миа“ е прогласен за мјузикл на годината.

Околу 350 лица од областа на музиката, забавата и спортот прошетаа на сцената на „Златна бубамара“ да доделат или да подигнат награди. Исполента пак до последно столче, во Вип арената имаше околу 5.000 гледачи. Меѓу присутните беа и премиерот Зоран Заев со сопругата и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

 

Објавено во „Слободен печат“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...