Ќе се укинуваат трговските бариери меѓу Македонија и Србија

Целта на комитетот, но и воопшто на заложбите на владите на Македонија и на Србија, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра, како што предочи Љајиќ, годинава да достигне милијарда евра.

142

Македонија и Србија ќе формираат меѓувладин комитет за решавање на трговските бариери и унапредување на размената.

Ова вчера го соопштија македонскиот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот министер Расим Љајиќ по работниот состанок за брашното во Скопје.

Токму проблемот со брашното, како што рекоа, ги отвори и останатите прашања кои двете страни мора да ги решат за непречен проток на стоките и услугите.

Целта на комитетот, но и воопшто на заложбите на владите на Македонија и на Србија, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра, како што предочи Љајиќ, годинава да достигне милијарда евра.

Комитетот првпат ќе заседава на 14 март во Белград, а ќе ги нотира сите бариери кои постојат од едната или од другата страна. Ќе дискутира и за извозот на македонските производи: вино, алкохол, тутун…, како и за меѓусебното признавање на сертификатите меѓу двете земји. Воедно ќе понуди конкретни решенија.

– Комитетот ќе ја разгледа и оправданоста на маркичките за брашното и нема да има проблем тие да се укинат ако стопанствениците побараат или имаат интерес за такво нешто- рече Николовски по состанокот.

Проблемот со брашното настана откако Македонија на 8 февруари годинава воведе нов Правилник за увоз со кој предвиде, маркичките да се ставаат во земјава, по целосната контрола за безбедност и здравствена исправност на пратките, а не како досега, уште пред тие да дојдат на граница, од страна на извозниците. Тоа „ја дигна на нозе“ Србија. Посебно реагираше Деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад која побара од државата итно да воведе контра мерки кон Македонија.

Николовски и Љајиќ беа во постојана комуникација, телефонски. Српскиот министер требаше да дојде минатиот петок но ја откажа средбата со образложение дека „не е постигнато решение“.

Министрите вчера во Скопје договорија за увозното брашно од еден, два и пет килограми маркичките да се лепат во Србија, а за пакувањата од 25 и 50 килограми да се ставаат во Македонија. По средбата истакнаа дека двете страни направиле отстапки за да се дојде до решение на проблемот.

– Ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми меѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата- потенцираа министрите на Македонија и Србија.

Николовски рече дека Правилникот, согласно договореното, ќе биде сменет веднаш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...