Се размислува за нов модел на осигурување во земјоделството зашто бројот на склучени полиси, и покрај владините субвенции од 60 отсто, континуирано и значително се намалува.
– Мора да се најде начин како земјоделците да ги осигуруваат своите посеви, наместо да чекаат отштета од државата како што беше изминатиот период. Затоа се размислува за нов, функционален модел, за кој ќе се разговара уште денеска – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Пред почетокот на трибината за осигурување во земјоделството, Николовски потенцира дека осигурувањето е клучно, особено поради климатските промени, кои се се поизразени.
– Во една од годините мерката била искористена во износ од 71 милион денари, годинава исто така се предвидени овие средства, но реализацијата од година во година се намалува. Како Влада се обврзуваме дека мора да најдеме начин како земјоделците да ги осигураат своите псоеви. Денешната трибина е само почеток на интензивна дебата за изнаоѓање модели и начини за имплементирање на осигурувањето во земјоделството. Не постои една мерка за решавање на овој проблем. Затоа се одлучивме за длабински, функционален, нов систем на краток, среден и долг рок – информира Николовски.
Во оваа насока, дополни, ќе се користат искуствата на Шпанија и Турција.
Според директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски, бројот на осигурителни полиси во земјоделството е намален за околу 60 проценти. Во 2015 година бројката на полиси била 5.000, а лани се продадени само 2.000. Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари.