Општина Кочани ги продаде сите шест парцели за изградба на викендички на Пониква што ги понуди со последниот оглас за продажба на државно градежно земјиште. Освен нив, оттуѓени се и два плаца за објекти за индивидуално домување во градот.
– Интересот за изградба на викенд куќи на Осогово е голем, при што се јавуваат купувачи од Кочани, но и од Скопје, Штип и останатите градови во државата. Поради тоа во наредниот период општината ќе распише уште една објава на која ќе бидат понудени нови десетина парцели на Пониква – истакна Марија Ѓорѓиева од одделението за локален економски развој.
Почетната цена на електронското јавно наддавање беше 61 денар за метар квадратен, а највисока цена е постигната за парцела за индивидуално домување која достигна 820 денари за квадратен метар.
По оваа продажба се очекува на сметката на општината да стигнат околу 570 илјади денари, што е 80 отсто од вкупната уплата на најповолните понудувачи на електронското јавно наддавање. Останатиот дел од средствата оди во Буџетот на Република Македонија.
На 29. објава за отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Македонија, што ја распиша општина Кочани на 1 февруари оваа година, беа понудени вкупно 13 градежни парцели, од кои пет за индивидуално домување, две за лесна индустрија и мало стопанство и шест за изградба на викендички.