Ќе се едуцираат жени за претприемништвото и конкуретноста

Ќе бидат опфатени жени од осум плански региони поточно од Скопје, Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип и Струмица.

203

Трендот за отворање нови бизниси особено кај младите жени е се поголем и тие стануваат свесни дека претприемништвото може да биде избор на професија. Со цел да се зголеми конкуретноста и да им се даде поддршка на актуелните и потенцијалните жени претприемнички во Македонија во текот на оваа и следната година ќе се спроведува проект финансиран со средства од ИПА програмата на Европската унија.

Ќе бидат опфатени жени од осум плански региони поточно од Скопје, Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип и Струмица. Проектот ќе го спроведува ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска во соработка со Здружението на бизнис жени од Република Македонија.

Претседателката на Здружението на бизнис жени Валентина Дисоска вели дека најчесто жените во Македонија отвораат бизниси кои се ниско профитабилни.

– Она во што ние сакаме да ги убедиме е дека доколку ИКТ технологијата ја стават во улога на бизнисот, тогаш може да имаат високопрофитабилен бизнис во кој и приходите би биле поголеми- истакнува Дисоска, додавајќи дека не постои систем преку кој жените кои се веќе претприемнички би им го пренеле своето искуство на оние кои штотуку почнуваат бизнис.

Проектот ја нуди таа можност за пренесување на искуства, за вмрежување и за поттикнување да се користат технологиите и иновациите во бизнисот. Ќе бидат опфатени младите девојки кои ќе се едуцираат за развој на бизнисот преку употреба на високи технологии, потоа жените претприемнички со кои ќе се работи како да го подобрат нивниот бизнис, а ќе се работи и со локалните заедници.

Планирано е да се формира и кластер за женско претприемништво за што ќе бидат користени хрватските искуства.

Мери Ен Рукавина-Ципетиќ од ГТФ Иницијативата за одржлив развој од Хрватска вели дека хрватските жени претприемнички не само што ја надминале економската криза, туку се покажале и како многу успешни во справувањето со тешки ситуации. Во некои области, како што вели Рукавина-Ципетиќ, може да се предвиди дека ќе ги надминат мажите.

– Тоа е благодарение на склоноста на жената да се поврзува. Жените знаат да се поврзуваат, а од економска гледна точка тоа е клучот на успехот. Без да се направи чекор кон надвор, нема опстанок. Ако останете на исто место, веќе сте губитници – вели Рукавина-Ципетиќ.

Според неа, Македонија има добри основи за развој на женското претприемништво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...