Kомпаниите од челичната индустрија загрижени поради мерките на ЕУ

73

Заштитните мерки за увоз на одредени челични производи во ЕУ, по истекот на времените мерки во почетокот на февруари идната година, внесуваат сериозна загриженост кај засегнатите компании од челичната индустрија, членки на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Како што соопшти Комората, ваквите ограничувања на увозот во ЕУ, во отсуство на други алтернативни решенија (близу 90 отсто од извозот на метални цевки од РМ се реализира во земјите од Европската унија и во моментов не постои алтернативен пазар за пласман на овие производи), создаваат сериозни проблеми пред договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок, ги доведуваат во прашање почнатите и предвидените инвестициски вложувања и може да предизвикаат одредени проблеми со ангажираноста на вработените лица.

– Но, овие проблеми нема да застанат само тука, може да се очекува истите да се прошират и кај останатите поврзани компании во синџирот на снабдувањето, со што негативните последици повеќекратно ќе се мултиплицираа – смета Комората.

Оценката е дека производителите на челични цевки за кои се предвидени национални квоти, 2018 година ќе ја завршат со пласман на 180.000 тони во ЕУ, а од следната година ќе имаат квота од 110.000 тони што би претставувало намалување на приходите за приближно 45 милиони евра.

– За топловаланите дебели лимови е предвидена глобална квота, базирана на испораките во ЕУ во периодот 2015-2017 година, што под претпоставка дека квотата нема да биде потрошена до крајот на годината, би се свеле испораките во ЕУ на 100.000 тони годишно, значително помалку од оваа 2018 година. Ограничените можности за пласман, би значеле помали испораки на годишно ниво за овие производи од 120.000 тони, што би значело намалено производство за цели 4,5 месеци. Финансиските реперкусии од нереализираните приходи би биле околу 24 милиони евра, само од надоместокот за преработка, односно 78 милиони евра по полната продажна цена на лимовите. Дополнително на ова, производителите на метални цевки се соочуваат со уште еден момент, а тоа е процедурата на антидампинг истрага која е во тек кај домашните компании – наведува Стопанската комора.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...