Талибански екстремисти киднапираа 27 припадници на мисијата „Народно движење за мир“ на автопат во авганистанската провинција Фарах, соопштија денеска локалните власти.
Заменик-гувернерот на Фарах, Масуд Бахтавар изјави дека мировниците патувале во шест автомобили од Херат до Фарах синоќа, кога конвојот бил запрен од талибанците и ги одвеле луѓето во непознат правец.
Еден член на мировната група кој не бил во конвојот изјави дека мировниците планираат да повикаат на мир и примирје меѓу спротивставените страни во Авганистан во провинцијата Фарах.
„Народното движење за мир“ е формирано во знак на протест поради насилните напади и откако 17 цивили беа убиени во експлозија на автомобил на спортски стадион минатата година.