Кога се во прашање сликарот и неговото ателје, или нивниот взаемен однос, кај голем дел од луѓето владее едно чудно мислење: дека тој, работејќи во своето ателје и воспоставувајќи однос кон него, успеал „да избега од светот и сам, чекорејќи низ облаци, да разговара со таинствени сили“. Верувам дека ваквото „мислење“ се должи на возбудливите приказни за Осамениот и Проколнатиот Сликар.
Кога сликарот е во сопствениот простор наречен Ателје, точно е дека е сам со себе, но, точно е и тоа дека е сам меѓу сите човеколики битија на земјава. Таа осаменост воспоставува уште посилни и подлабоки врски со сè она со што тој е опкружен од надвор. Низ тишината на ателјето и осаменоста во него грмат илјадници гласови на сè она што е живо на овој свет и на сè она што одамна исчезнало. Низ осаменоста меѓу тие гласови врие животот и прашањето за неговата смисла, како водата во котелот врз силниот оган! Ателјето е неговиот мозок, стомак, срце и неговиот крвоток. Тоа е место каде што се поставува прашањето за човековото раѓање во неговата трансцендентна смисла и на неговото умирање, со истиот контекст.
Во тој простор на обдукција врз сопствените заклучоци, размисли, сомнежи и претпоставки, на скриена надеж исполнета со невидена љубов кон природата и нејзините законитости, тој го осмислува не само сопственото творечко постоење, туку и постоењето на времето идно, сегашно и минато како една, единствена целина. Зошто тоа е во него, а не тој во нив. Да се одживее сопствениот живот низ една, единствена слика што се создава од раѓањето, па сè до смртта своја, значи тој да се сфати и разбере како дел од една блескава светлина што се движи со невидена и до сега неизмерена брзина…
И токму таквото чувствување на севкупната човекова драма под небесната купола, ја закрепнува и ја зајакнува неговата концентрација. Играта наречена Сликарство, низ таквата концентрација, ги воспоставува сопствените железни закони и правила. Тогаш, во тој миг, ателјето прераснува во затвор на слободата…
Секоја линија, секоја површина покриена со боја, до колку се живи се истовремено и необорливи сведоци за поврзаност на сликарот со животот и неговата вистинитост! Сликарот е сраснат со сопственото ателје и тоа е нивна заедничка судбина. Кога го напушта, ќе го понесе со себе; во ателјето останува еден голем дел од битието на сликарот. Така, тие постојано се заедно, дури и во соништата! Нивната меѓусебна поврзаност е одредена со силното чувство за неминовниот мир, кој е цел на секое движење.
Во ателјето на сликарот нема луѓе; има гласови, звуци, бои… Тој ги слуша, гледа, ги толкува… И токму нивната сила е силата што не му дозволува да го напушти ателјето. И затоа, влегувањето во него, за ненајавените посетители е најстрого забрането. А, за оние што се најавуваат, постои едно друго време, кога можат да влезат.
Во својата онтолошка смисла, ателјето и сликарот во него минуваат низ силни премрежија и искушенија. Така зајакнува нивната вера. Низ тој простор води патот кон Голгота. Кон неа, под тежината на сопствениот крст, без право на помисла на воскресение. Унамуно е во право кога вели: „Кажете ми како некој умрел и јас ќе ви кажам како живеел.“
Единствена можност вистински да се пребродат сите тие бездни е сопственото признание, пред самиот себе си, за немоќта да се насликаат нештата од внатре, а не од надвор!
Сè што се наоѓа во ателјето има таинствен живот. И моделите во него се слика за прагревот и страдањата по него. Односот на сликарот кон нив ќе мора да е длабоко искрен. Од таму, комуникацијата со историјата е мошне жива; таа – историјата – за сликарот не е стар изветвен орман, во кој одамна се проверени и докажани настаните и луѓето што се случиле во нив. Не – за него, тие се живи и што е мошне значајно, одделни луѓе и нивните дела се негови современици, доколку тој чувствува потреба да изучува. А, барем до сега, не постоел сликар кој знаел се’ и кому се’ му било јасно. Не, тој и неговото ателје учат додека се заедно, еден од друг и еден во друг…
Сликите што се раѓаат и излегуваат од ателјето се вистински отпечаток на светот надвор од него. Но, вистинитоста на тој отпечаток не е во неговата нарација, туку во неговата внатрешност. И сè што влегува во ателјето заедно со сликарот бива изнесено пред неговиот искрен и жесток суд и пред неговата моќ пресудата да ја преточи во дело. Во текот на таквото просудување, мноштво факти ќе бидат избришани и на ново напишани и пак избришани. Тоа ќе потрае сè до нивната вистинска употребливост како знаци во животот на идната слика. И сликарот нив ги памети; тој учи врз сопствените грешки кои мора да ги признае многу посилно од сопствените успеси. Низ паметењето на се’ што пресликал или уништил, ќе мора да расте неговата самокритичност, зошто таа е неговото единствено прочистување…
Смислата и значењето на ателјето, како внатрешна духовна соба на сликарот, еволуирале во онаа мера во која еволуирал човекот-сликар. Лично, мислам дека со секое ново човеково раѓање тајната сè повеќе се згуснува и тешко е да се зборува за било каква еволуција.
Секој работен простор е слика на оној што работи во него – од внатре, а не од надвор!
И се’ додека влегувам во МОЕТО АТЕЛЈЕ единствена актуелност, ќе биде ТАЈНАТА НАРЕЧЕНА „ЧОВЕК“.
Владимир Георгиевски
(Владимир Георгиевски, еден од најистакнатите современи македонски сликари и професор на Архитектонскиот факултет, почина на денешен ден, пред една година).