И словенечките компании профитирале од нискиот стандард во земјава (ВИДЕО)

На форумот е оценето дека економската соработка меѓу двете земји оди во нагорна линија.

773

Словенечките инвеститори сѐ уште можат сериозно да профитираат на нискиот стандард во земјава, но се прави сѐ состојбата да се промени. Максимално сме посветени да ја поддржиме економијата и ако вие, бизнисмените сте добро мотивирани можеме да очекуваме раст на економијата од планираните 3,2 отсто, па дури и четири отсто што ќе влијае и на целокупните состојби, изјави, меѓу другото, премиерот Зоран Заев на денешниот Македонско-словенечки бизнис форум во Стопанската комора.

Премиерот Заев заедно со словенечкиот премиер Миро Церар, имаа свое обраќање пред бизнисмените од двете земји.

– Како Влада не нѐ интересира вашиот профит, туку наш интерес е придонесот во создавањето на бруто домашниот производ, зголемувањето на извозот, вработеноста, воведувањето нови технологии конкурентноста. Во Македонија создаваме амбиент кој ќе им овозможи на компаниите, словенечки инвеститори и домашните компании да учествуваат во големите капитални инфрастуктурни и енергетски проекти. Инвестираме во локалните и регионалните патишта, во железницата. Ќе има инвестиции во РЕК „Битола“, „Осломеј“, во фотоволтни централи, ветерници, хидроцентрали, МЕПСО ќе инвестира во преносниот систем, но ќе се инвестираат и 60 милиони евра во канализациска мрежа, водоводи, градинки и други обејкти. Еколошките проекти ќе се финасираат и со грант од ЕУ од 25 милиони евра. Тука е и грантот од Словенија од 25 милиони евра и дополнително исто толкав износ во кредити – рече Заев.

Оценувајќи дека петтата позиција на Словенија по инвестиции во земјава е важна, Заев ги повика словенечките бизнисмени да учествуваат на тендерите за големите инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, но и во енергетиката и еколошките проекти кои ќе се реализираат во текот на годината.

Прашањето за профитот создаден на нискиот стандард во земјава го спомена во своето обраќање и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

– Словенија е земја која од почетокот на независноста не ги напушти добрите релации со нас. Некој вели дека заработуваа на нас и нашиот низок стандард, но велам дека и ние заработувавме на нив бидејќи придонесуваат за развој и раст на македонската економија. И ние имаме неколку инвестиции во Словенија кои добро заработуваат. Очекувам тие да бидат уште повеќе, зашто ние како деловни заедници работиме на подобрување на состојбата – рече Азески.

Тој додаде дека словенечките инвестиции се стабилни и очекува подигање на повисоко ниво на деловната и политичката соработка меѓу двете земји.

Словенечкиот премиер Церар оцени дека меѓу двете земји се развиваат пријателски односи кои треба да се градат на подолг рок.

– Пријателството се гради полека и постојано и затоа е важно меѓу Словенија и Македонија да го градиме секој ден преку сите области преку кои добро соработуваме – рече Церар.

Тој оцени дека има големи можности за проширување на соработката на планот на енергетиката, туризмот, екологијата, прехранбената индустрија, металопреработувачката…

Церар на инсистирање на претседателот на Стопанската комора Азески, исто така, даде ветување дека силно ќе се залага Македонија да влезе во Европската унија, зашто, како што рече, таа и целиот Западен Балкан се дел од Европа.

– Европа може да изгуби многу, ако не го интегрира овој дел кој природно е свртен економски и политички кон неа – рече Церар.

Тој потсети дека земјава треба да ги заврши реформите и да го реши спорот со името.

Соња Шмуц од словенечката Стопанска комора оцени дека Словенија е еден од најголемите инвеститори во Македонија и дека инвестициите се стабилни, бидејќи доаѓаат и тука остануваат да работат.

– Наша цел е сегашната трговска размена од 350 милиони долари да прерасне на половина милијарда долари – рече Шмуц.

Трговска размена од половина милијарди долари, вети и премиерот Зоран Заев, кој рече дека тоа е можно само со реализирањето на инвестициите.

Бизнисмените од Словенија на денешниот форум беа информирани и за Планот за економски раст на Владата и можностите за користење на поддршката што ја нуди владата на инвеститорите и на малите и средни компании.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...