Шеесет милиони евра годишно оставаат Грците во гевгелиските казина. Годишно овој град, кој многумина го препознаваат како македонскиот Лас Вегас,го посетуваат 550.000 грчки државјани.
Казината претставуваат посебен белег на Гевгелија во изминативе 30 години. Иако порано важеше за земјоделски крај, развојот на казино туризмот придонесе денеска многумина градот да го препознаваат како македонскиот Лас Вегас.
Коцката одамна е фрлена во Гевгелија, поточно уште од 1987 година, кога во центарот на градот во просториите на хотелот „Југо“ беше отворено првото казино „Аполонија“. Денес, покрај „Аполонија“ работат уште две големи казина „Фламинго“ и „Принцес“, како и пет помали електронски казина на компаниите „Астра“, „Сенатор“, „Слот“ и „Адмирал“.
Казиното „Фламинго“ кое работи од 2005 година, важи за едно од најлуксузните казина на Балканот и едно од најубавите во Македонија. Странските и домашните инвеститори во него вложиле 30 милиони евра. Околу 400 вработени ги опслужуваат гостите од кои најголем број или повеќе од 90 отсто се грчки државјани. Во негова близина се наоѓа и казиното „Принцес“ инвестиција од 86 милиони евра на познатиот светски бренд од ланецот „Шератон“. Тоа е најголемиот објект за игри на среќа во Македонија со сала од 4.000 метри квадратни во која се сметени повеќе од 630 апарати за игри на среќа и над 40 рулет маси.
Должничката криза која пред неколку години ја зафати соседна Грција, земја од каде што доааѓаат најмногу гости, не го намали многу казино туризмот во општината што претставува потврда дека работењето на казината е исплатлива и профитабилна дејност во која се најавуваат и нови инвестиции во урбанизираниот дел покрај автопатот Е-75 на потегот од Гевгелија кон граничниот премин Богородица.
– Финансиските средства што се акумулираат од казината во општинската каса не се мали. Напротив мотивираат да размислуваме како да искористиме уште повеќе. Во тој правец мој приоритет ќе биде да ги убедам раководните луѓе казината да покажат поголема општествена одговорност и да вложуваат во развојот на спортот и да ги поддржуваат финансиски спортските екипи од општинава кои учествуваат во разни натпреварувачки рангови, но секако и да помогнат во изградбата на современи спортски објекти – рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашко Поцков.
Урбанизираниот дел покрај десната страна од автопатот на потегот од Гевгелија кон границата со Грција, особено во месноста Милци, претставува магнет за проширување на казино туризмот, односно за вложување нови инвестиции кои веќе се најавени или поточно потврдени со конкретни барања за купување градежни парцели, велат од одделението за урбанизам на општина Гевгелија.
– На споменатиот простор, конкретно за градење објекти за казина, градежни парцели резервираа постоечките казина „Фламинго“ и „Принцес“, како и фирмата „Девомак“, која исто така ќе инвестира во објект за казино кој уште ќе содржи ресторански и мотелски дел за ноќевање на гостите – посочија од надлежната служба на општина Гевгелија од каде информираа дека покрај казинските објекти на просторот од левата страна на реката Вардар, од градот кон граничниот премин „Богородица“ ќе се градат уште неколку мултинаменски трговски објекти.
Покрај казината, во Гевгелија успешно работи и трговијата, како и други стопански гранки кои се јавуваат како нивни одржувачи и снабдувачи со храна и други материјални добра. Огромен бенифит има и општинската каса во која се слеваат приходи од персонален данок на вработените, фирмарина и данок на имот, како и Министертвото за финансии од ДДВ, од данок на игри на среќа и од електронските слот машини за кои се плаќаат месечни такси и надоместоци кои се движат од 375 евра за автомат до 3.000 евра за рулет маса. Инаку, лиценцата за отворање казино се плаќа по 520.000 евра.