По бурни дебати, во грчкиот Парламент беше отфрлен предлогот од опозициската Нова демократија за формирање комисија за утврдување евентуална одговорност на тројца министри од Кабинетот на премиерот Алексис Ципрас за учество во корупциски скандал со швајцарската фирма „Новартис“.
Формирање истражна комисија е побарана за министрите Панајотис Курумблис, Андреас Ксантос и неговиот заменик Павлос Полакис кои наводно учествувале во формирање цени на лекарства на фармацевтскиот гигант „Новартис“, околу кој „тече“ корупциски скандал заради поткупи со цел зголемување продажба на лекови во Грција.
Грчкиот Парламент минатиот месец гласаше за формирање парламентарна комисија, која би ја истражила улогата на десет политичари вмешани во тој скандал – двајца поранешни премиери, осум министри. Претпоставките се дека со тие активности, компанијата нанела штета на државата во висина од околу три милијарди евра.
Висината на поткупот во предметот е околу 50 милиони евра за периодот од 2006 до 2015. За 10 политичари постојат 20 искази меѓу кои и на тројцата заштитени сведоци. Од овие 50 милиони евра, 40 милиони евра, веројатно се дадени пред 2010 и тоа на тројца политичари само за случај со вакцини.
Во случајот со поткупот се вмешани 30 лица, државни функционери како што се поранешни генерални секретари, поранешни советници, и соработници на министри.
Од нелегалните активности на фармацевтските компании, од 2000 година се проценува дека е направена штета во висина од околу 23 милијарди евра, додека пак само од „Новартис“ загубата е околу три милијарди евра.