Грабежи по сефовите во банките, украдени до 3 милиони евра

Полицијата најверојатно има податоци за тоа за кои лица се работи, но не и за тоа каде побегнале и каде сега се кријат.

976

Добро позната банда составена од Руси, Украинци и Молдавци лани во ноември за само една недела успеала да испразни десетина сефови на познати бизнисмени во скопските банки, парите и златото исчезнале без трага, а македонската полиција до денеска упорно одбиваше да ја потврди оваа информација за МКД.мк.

Откако пред еден месец од порталот побарале потврда за оваа информација, дури денеска добиле одговор, од кој може меѓу редови да се прочита дека полицијата го потврдува овој настан и дека – во тек е истрага.

Според информациите на порталот, добро организирана група од неколку странски државјани кон крајот на ноември во добро организирана шема успеала да украде милиони евра и уште којзнае колку килограми злато. Цел на бандата биле сефовите на бизнисмени и лица чии имиња ѝ се добро познати во македонската јавност.

Како што дознава МКД.мк од свои извори, операцијата за ограбување на сефовите од банките почнала со закуп на сефови од банките. Секој член на групата ограбувачи сосема легално закупил сефови во неколку различни банки во Скопје. Операцијата на криминалната банда траела само пет дена, а по неа со торби полни пари и злато заминале од земјава. Од тогаш за нив нема ни трага, ниту глас, ни од нив, ниту од парите.

Полицијата најверојатно има податоци за тоа за кои лица се работи, но не и за тоа каде побегнале и каде сега се кријат.

Од МВР во врска со овој настан одговориле дека преземените дејства се тајни.

„Во врска со Вашeтo барање за кражби во банки, Ве известуваме дека согласно извршените проверки во 2017 година евидентирани се пет кривични дела и тоа „затајување“ и четири „тешки кражби“ извршени во сеф од банка. Во врска со прашањата за истрагата по горенаведените кривични дела, Ве известуваме дека согласно член 51 став 1 – „правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители“ и согласно член 289 од Законот за кривична постапка во Република Македонија – „сите дејства преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, поради што не сме во можност да Ви доставиме податоци. Ве известуваме и дека овие предмети се во надлежност на Јавното обвинителство“, се вели во одговорот од МВР до редакцијата на МКД.мк.

Во банките сѐ течело според законската процедура и никој од вработените, ниту одговорните за безбедноста и сигурноста на парите, не се посомневал дека се работи за организирана банда што ќе им направи милионски суми штети на клиентите што своите пари им ги довериле на банките во Скопје. Влегувале со уреден клуч од свој сеф, излегувале со торби полни пари и злато од туѓи сефови.

Со уредна документација за закупен сеф и со клуч од него, членовите на бандата влегувале во банката, ги минувале безбедносните проверки и биле спроведувани до сефот во кој наводно ги заклучувале вредните работи. Но наместо во своите сефови, тие со клуч, кој според нашиот извор не оставал никаква трага, ниту сомнеж за насилно отворање на сефот, ги отворале сефовите на бизнисмени и сопственици на фирми. Тие ја имале и информацијата кои броеви на сефови може да им бидат интересни.

Дали имале крт во банките со кои соработувале или пак преку други методи и извори со кои располагале ги добивале податоците, не се знае.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...